Турскиот заменик-премиер Бешир Аталај ги демантираше извештаите на турските медиуми дека тој ја обвинил еврејската дијаспора за протестите во паркот Гези.
Во соопштението од неговиот кабинет се наведува дека вицепремиерот не дал таков исказ.
– Во своето обраќање Аталај никогаш не ја имал предвид и не изрекол ништо што би алудирало на еврејските граѓани во Турција или воопшто на евреите во светот, се додава во соопштението.
– Има некои кругови, кои и завидуваат на Турција поради нејзиниот раст. Тие сите се обединети, а меѓу нив е и еврејската дијаспора. Видовте како се однесуваат странските медиуми за време на инцидентите во паркот Гези, ја пренесе вчера турската приватна агенција Џихан изјавата на Аталај, која ја дал на 1 јули во округот Караккале, во централна Турција.
– Странски сили и еврејската дијаспора стојат зад протестите во Турција. Овие сили работеа засилено за да ги интензивираат протестните акции, рече Аталај.
Тој посочи дека и меѓународните медиуми, исто така, имале „голема улога во конспирацијата“ во Турција. Тој, меѓутоа, подвлече дека „оние кои се обидуваат да и попречат на патот на Велика Турција, нема да успеат“.
Еврејската заедница во Турција вчера соопшти дека коментарите на Аталај може да доведат до репресии врз евреите во земјата и нагласи дека ќе се обиде да добие повеќе информации во врска со изјавата на вицепремиерот.
Протестите во Турција почнаа кон крајот на мај против плановите на властите за сечење на дрвата во истанбулскиот парк Гези, каде се планира изградба на трговски центар. Постепено протестите во паркот Гези прераснаа во антивладини демонстрации во целата земја.