Според прелиминарните резултати објавени од Централната изборна комисија во Приштина, по обработени 97,76 проценти од гласачките места, Движењето Самоопределување на Албин Курти е убедливо прва политичка сила на вонредните парламентарни избори во Косово со освоени 43,03 проценти од гласовите, односно 294.251 гласа.
На второто место се наоѓа Демократската партија на Косово (ДПК) со 21,15 проценти или 144.618 гласа, додека Демократската лига на Косово (ЛДК) освои 17,68 проценти, што претставува поддршка од 120.870 избирачи. Алијансата за иднината на Косово (ААК) е четврта со 7,22 проценти или 49.345 гласа.
Меѓу партиите на српската заедница, најголема поддршка доби Српската листа со 5,89 проценти од вкупниот број гласови, односно 40.291 гласач. Според податоците на ЦИК, оваа партија оствари убедлива победа во општините со српско мнозинство.
Од Српската листа тврдат дека ги освоиле сите десет загарантирани мандати наменети за српската заедница, но изразија сомнежи во распределбата на еден од мандатите, посочувајќи дека повторно би можел да му припадне на Ненад Рашиќ.
Другата српска политичка опција на изборите, „За слобода, правда и опстанок“, освои 0,73 проценти или 4.962 гласа. Интересно е што дел од поддршката за оваа листа доаѓа и од општини со доминантно албанско население, меѓу кои Призрен и Ѓаковица.
Резултатите сè уште не ги вклучуваат гласовите од условните избирачки места, гласачите со посебни потреби и дијаспората, па конечната распределба на мандатите ќе биде позната по завршувањето на целосната обработка.
Излезноста на изборите изнесуваше 36,88 проценти, што е значително пониско во споредба со претходните избори, кога на гласање излегоа околу осум проценти повеќе избирачи. Најголема излезност е регистрирана во општините со мнозинско српско население.
Ова се трети парламентарни избори во Косово во релативно краток период, по редовните избори од февруари 2025 година и вонредните избори од декември истата година, откако политичките партии не успеаја да обезбедат стабилно парламентарно мнозинство и формирање влада.
