Во Босна и Херцеговина дури 93.8 проценти од жените ги извршуваат сите домашни работи, што остава негативни последици врз нивниот приватен и професионален живот, покажува истражување спроведено од Агенцијата за рамноправност меѓу половите при Министерството за човекови права и бегалци.
Истражувањето покажува дека вршењето рутински работни задачи во домаќинството, како што се пеглање, промена на постелнината, чистење бањи, миење облека, бришење подови, готвење и миење садови и одењето во набавки, се целосно обврска на 93.8 проценти од испитаните жени, објави Агенцијата за родова еднаквост.
Во соопштението се наведува дека во само 5,6 проценти од тие врски, домашните обврски ги извршуваат подеднакво и мажите, додека само во шест проценти, тие обврски се исклучиво на мажите.
Од Агенцијата наведуваат дека истражувањето покажало дека ова остава негативни последици врз приватниот и професионалниот живот на жените, оставајќи им помалку време за одмор, личен и професионален напредок, обуки и учество во социјални активности и политика.
Истражувањето покажа дека ситуацијата е поповолна кога станува збор за повремени задолженија во домаќинствата, како што се плаќање комунални услуги и извршувања задолженија надвор од домот, како што се одржување на дворот, автомобили, бојадисување и полесни поправки дома, посочува Агенцијата.
Наодите од истражувањето, исто така, покажуваат застапеност на родовата дискриминација во трудот и работните односи, што го потврдле третина од анкетираните жени. Биле испитани 500 жени од цела БиХ, на возраст меѓу 18 и 65 години, кои биле во брак или живеат во вонбрачна заедница најмалку една година.