Знамето на СССР што Баз Олдрин го однесе на Месечината е продадено за неверојатна сума

Од:

Мало знаме на Советскиот Сојуз, кое патувало до Месечината во 1969 година за време на историската мисија „Аполо 11“, беше продадено на аукцијата на „Сотби“ (Sotheby’s) во Њујорк за 102.400 долари плус провизија.

Продажната цена многукратно ја надмина првичната проценка на експертите, кои очекуваа таа да се движи меѓу 7.000 и 10.000 долари.

Самата аукција заврши на 15 јули, а конечната понудена цена без провизија изнесуваше 80.000 долари.

Станува збор за минијатурно знаме со димензии од приближно 10 x 15 сантиметри, кое на историското патување во јули 1969 година го носел астронаутот Баз Олдрин, пилот на лунарниот модул на мисијата „Аполо 11“.

На знамето стои натписот „Flown to the Moon on Apollo XI“ (Летано до Месечината со „Аполо 11“), како и оригиналниот потпис на познатиот астронаут.

Кон знамето беше приложено и писмо лично потпишано од Олдрин, со кое се потврдува неговото потекло. Во него, тој објаснил дека го носел советското знаме како гест на добра волја меѓу Соединетите Американски Држави и Советскиот Сојуз, нагласувајќи дека успехот на мисијата „Аполо 11“ го смета за достигнување за целото човештво, а не само за една земја.

Покрај знамето на Советскиот Сојуз, Олдрин за време на мисијата со себе ги носел и знамињата на Соединетите Американски Држави, на сојузната држава Тексас, како и на неговата родна држава Њу Џерси.

Мисијата „Аполо 11“ остана запаметена како првиот успешен лет со човечки екипаж што слетал на површината на Месечината.

На 20 јули 1969 година, Нил Армстронг и Баз Олдрин станаа првите луѓе што зачекориле на природниот сателит на Земјата, додека Мајкл Колинс останал во командниот модул во лунарната орбита.

Би можело да ве интересира

СССР не е вмешан во атентатот врз Кенеди

Русија го порамни долгот на СССР кон Македонија од 60,6 милиони долари

Ана Ололовска