Заврши повикот за изработка на дизајн за амбалажата на Слатко со идентитет

Од:

На отворениот повик за изработка на дизајн за амбалажата на Слатко со идентитет, во потесна конкуренција влегоа 26 креативни решенија кои ги содржат сите елементи што беа пропишани во условите за учество на повикот кој траеше од 18 јули до 1 септември годинава.

Согласно критериумите на јавниот повик се бараше изработка на предлог дизајн за амбалажата за слатко од седум видови овошје од асортиманот на „Јоми фуд“, ексклузивно пакување и промотивен постер.

Пристигнатите решенија ќе ги разгледа жири комисија составена од претставници на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ  – „Браво Сине!“ и  Skopje Design Week (SDW)  под шифрираниот редослед. Во финалната фаза на избор ќе биде вклучен и претставник на производителот.

– На наше огромно задоволство младите дизајнери покажаа голем интерес за оваа несекојдневна можност, но што е уште поважно покажаа и одличен потенцијал и креативност. Нашата цел беше да креираме услови каде младите креативци ќе добијат шанса да работат и тој труд да биде вреднуван, да го поттикнеме интересот кај компаниите за брендирање на производите, а заедницата да добие додадена вредност и подигната свесност за потребата  од естетика во секоја смисла. Исто така, домашниот креативен потенцијал, да го поврземе со домашниот производ, создавајќи убава приказна и за бизнисот и за заедницата, изјави Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста, Иво Лауренчиќ – „Браво сине“.

Избраното креативно решение што ќе биде оценето како најдобро ќе биде јавно соопштено во втората половина на месецов и наградено со парична награда од 200.000 денари. Средствата во целост  ги обезбеди Движењето за поддршка на креативноста, Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“.

На годинашното издание на Skopje Design Week, што ќе се одржи од 23-ти до 28 септември, посетителите ќе имаат можност да видат дел од креативните решенија што влегоа во потесен избор,  кои ќе бидат изложени во посебно означен простор на Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ – „Браво Сине“.

– Ни претставува огромно задоволство што сме дел од овој значаен проект бидејќи нашата цел е токму на креативните решенија и на дизајнот да им дадеме конкретна примена во секојдневниот живот и во бизнисот. Се надеваме дека придонесуваме за зголемување на свеста за моќта на дизајнот и креативноста во реалниот бизнис, истакна Марта Наумовска Грнарова, претставник на SDW.

Би можело да ве интересира

Вонредни контроли на скопски „бувљак“, уништени околу 100 килограми небезбедни чипсови, чоколадни бонбони, наполитанки, конзерви,…

АХВ: Три ресторани и месарница во Кавадарци пласирале небезбедна храна

Горан Наумовски

АХВ: „Атлантик Штарк“ повлекува бисквити поради можност за присуство на надворешно тело

Дурмиши: Ќе има намалување на цените на основните прехранбени производи

AХВ: Откриена е небезбедна храна во месарница и во супер маркет во Скопје

Горан Наумовски

Јајца Л класа, суџук, пудинг од чоколадо: Што ќе се јаде во охридскиот затвор годинава