Триото на бразилскиот виолинист Рикардо Херз и шпанското трио Карлес Бенавент, Тино ди Џералдо и Хорхе Пардо ќе концентрираат вечер во МОБ, на вториот ден од џез фестивалот во Скопје.
По нив, во Сити хол центарот, поранешен Хард рок, гостува британскиот состав „Spasm“ на Ентони Џозеф.
Херз неодамна го издаде четвртиот албум на кој се наоѓаат неколку оригинални песни во кои доминираат свинг и грув. Албумот ги доловува неговите музички искуства во последните десет години, од кои девет живеел во Париз каде ја усовршувал својата техника, работејќи со џез мајсторот Дидие Локвуд. Бразилецот го редефинира начинот на свирење виолина. Преку неговата техника инструментот звучи како хармоника.
Басистот Бенавент, тапанарот ди Џералдо и саксофонистот и флејтист Пардо се мајстори на фламенко-џез фузијата и досега соработувале со сите значајни фигури на шпанскиот музички израз.
Бендот „Spasm“ на Ентони Џозеф, поет, новелист и предавач, комбинира фри џез, афро-карипски фанк, сока, рапсо, калипсо, рок и спиритуални хипнотички ритми.