Седмата тортијада „Слатка мистерија“ в среда ќе се одржи во ресторан „Александар“, општина Бутел. На тортијадата, за која подготовките се одвиваат повеќе од еден месец, ќе учествуваат професионалци и аматери од девет скопски општини – Гази Баба, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Чаир, Карпош, Сарај, Сопиште, Град Скопје и домаќинот општина Бутел.
Ќе бидат избрани три најубави торти во две категории, кои ќе бидат наградени. На останатите учесници ќе им бидат доделени благодарници и пригодни подароци.
Сите торти ќе бидат ставени на продажба, а за наградените шест ќе биде организирана аукција во која ќе наддаваат деветте градоначалници и претставниците од бизнис секторот. Собраните средства од продадените торти, како и од билетите за свечената вечера, ќе бидат наменети за хуманитарни цели. Средствата што ќе се собрат ќе одат во детската градинка „Страшо Пинџур“, еден од објектите на ЈУ „11 Октомври“ кој минатата година беше целосно демолиран од група насилници.
Седмата тортијада „Слатка мистерија“ е во организација на општина Бутел и на ХОА „Ангелчиња“.