Во Алжир е отворена клиника за зависници од Фејсбук, поради страв дека разни екстремистички исламистички групи би можеле да им го „исперат мозокот‟ на корисниците.
Приватната клиника е отворена во источниот град Константин, а програмата е посебно дизајнирана за корисниците на социјалните мрежи. Во Алжир постојат десетици милиони корисници на Фејсбук, а бројот годишно расте за 10 отсто.
Директорот на клиниката, Рауф Бокаф, рече дека се плаши оти загрозените корисници на Фејсбук можат да станат цел на терористички групи, кои ја користат мрежата како алат за врбување.
Сесиите за советување се достапни за „пациентите‟ кои би можеле да паднат под влијание на исламистите на оваа социјална мрежа.
Според Богаф, неговиот тим ќе се бави со зависници од дроги, пушење и алкохол.
– Постојат одредени опасности кои се потценуваат кога се работи за зависноста од Фејсбук, во однос на ризикот од дрогите. Резултатот од лекувањето треба да ги намали психолошките, социјалните и безбедносните штети на тие кои живеат во виртуелниот свет, изјави Бокаф.