Внимание: Модифицирана соја на полињата и на трпезите

Од:

Иако донацијата на Монсанто по поплавите предизвика паника, експертите тврдат дека на Балканот одамна е посеано ГМО семе.

Семето на злото доаѓа во регионот, Внимание Монсанто донира ГМО семе по поплавите, Лоши вести: Монсанто ги искористи поплавите за да ги труе луѓето… медиумите беа преплавени со вакви наслови откако водечкиот светски производител на генетски модифицирана храна, т.е. семе, ја објави својата донација за поплавените региони.

Бранот од негативни реакции набрзо се обидоа да го намалат и самите претставници на озлогласениот Монсанто, со соопштение дека донираното семе на пченка, домат, краставици и зелка, вредно околу 350.000 долари, не е генетски модифицирано, што го потврдија и надлежните институции во поплавените земји.

Земјоделците тврдат дека всушност се работи за семе кое веќе било достапно до сега, иако големите корпорации веќе со години сакаат да влезат со ГМО производи на Балканот, а активистите велат дека се работи за рекламна кампања со која Монсанто се обидува да ја поправи својата исклучително лоша репутација во јавноста.

Меѓутоа, паниката и протестите кои во повеќе земји е предизвикана и од самото спомнување на името на овој американски гигант, кој стана асоцијација за генетски модифицирани производи, изостануваат кога претставниците на земјоделските здруженија и експертите во регионот предупредуваат дека на нивите во Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина веќе одамна е посеано ГМО семе.

Пред се се работи за генетски модифицирана соја, иако сите три земји имаат остри закони против увоз и одгледување на таков вид на семе, кое предвидува и високи парични казни, како и казна затвор.

– Хибрид на пченка од Монсанто се увезува во Босна и Херцеговина сигурно веќе неколку години и тој не е ГМО. Меѓутоа, ние ги предупредуваме институциите дека постои семе на ГМО во Босна и Херцеговина и дадовме претпоставка дека вкупно околу 50 отсто соја која се произведува во Семберија е генетски модифицирана – вели Ристо Арсеновиќ од Асоцијацијата на земјоделските здруженија во Семберија.

Погубни последици по здравјето

Наведуваат дека оваа асоцијација предупредувала дека институциите не ја работат својата работа и дека не постојат инспекции.

– Само ќе истакнам еден пример – кога Бимал, производител на масло од Брчко, ќе добие соја за масло, тој во Загреб доведува цела апаратура да утврди дали тоа е ГМО, бидејќи од тоа не може да се произведува масло за јадење.

Меѓутоа, Арсеновиќ смета дека најмала вина е на земјоделците, бидејќи наведува дека 90 отсто од нив не знаат што е ГМО.

– Тие тоа го прават затоа што придонесот е поголем, бидејќи секој ГМО има поголем придонес во однос на конвенциналниот.

Ни земјоделските површини во Србија не беа поштедени од ГМО семето.
– Земјоделската инспекција секоја година со контрола на одредени површини во Србија утврдуваше дека постои илегално одгледување, пред се на генетски модифицирана соја – тврди Миладин Шеварлиќ, професор на Земјоделскиот факултет во Белград.

Како што вели тој, во некои години надлежните власти покренувале акции таа соја да се уништи, но во повеќето години, за жал тоа не го правеле.

– Имајќи предвид дека лани се работеше за 23 хектари земјиште од 45 парцели, а од тие 22 примероци беа позитивни на ГМ соја, може да се претпостави дека на целина од 165.000 до 170.000 хектари, колку што ориентационо годишно ги сееме со соја, тоа изнесуваше неколку илјади хектари под ГМ соја – предупредува Шеварлиќ.

Иако расправите продолжуваат, колку навистина е штетна ГМО храната, а мислењата се поделени, некои научници со своите истражувања ја алармираа јавноста дека последиците се погубни. Според зборовите на професорот Шеварлиќ, истражувањата покажаа дека последиците од конзумирање на ГМО храна се гледаат во промените на внатрешните органи, појави на канцерогени тумори кај многу животински единки над кои се вршеле испитувања, до практично оневозможување на репродукција поради зголемена стерилност.

– Сите истражувања кои траеле повеќе од една генерација на експериментални животни, пред се на глувци во лаборатории, од доктор Арпад Пустаи до професор Сералини, кој вршел двегодишни испитувања во четири генерации, укажуваат на многу погубни последици од користење на ГМО соја, во чие производство се користи и тотален хербицид – додава тој.

Неконтролиран увоз на ГМО

Меѓутоа, од каде илегална соја на земјоделските површини во земјите во регионот ако нејзиниот увоз со закон е забранет и како таа ја поминува контролата?

Според зборовите на Мирослав Киш од Асоцијацијата на земјоделците во Србија, во таа држава постојат парцели со ГМ соја чие семе нелегално се увезувало, пред се како што наведува од Романија.

Професор Шеварлиќ вели дека илегалниот увоз наводно доаѓа од Романија и Босна и Херцеговина и дека тука практично не постојат контроли.

Од друга страна, Арсеновиќ од Асоцијацијата на земјоделските здруженија во Семберија вели дека има сознанија дека семето на ГМО соја во Босна и Херцеговина наводно дошло од Србија. – Се поставува прашањето како тоа семе влегло во Србија и каде се контролите.

Во Хрватска неодамна Иво Делонга, директор на контролната куќа Еуроинспект, по пат на медиумите предупреди дека и во оваа земја е најдена ГМО соја за извоз.

– Тоа беше стока подготвена за извоз, но на крајот не можеше да биде извезена, бидејќи имаше декларација која зборува дека е ГМО free, а беше утврдено присуство на ГМО. Нашите семенари тврдат дека нашето семе не е ГМО, а и јас верувам во тоа. Од каде дошло тоа семе, навистина не знам – рече Делонга.

Како што тврди тој, се работи за меркантилна соја, или поедноставено соја која не е наменета за идна репродукција, туку се троши за исхрана на луѓе и животни.

ГМО сојата која се вклучува во исхраната на стоката исто така претставува голем проблем, сметаат експертите и земјоделците.

– Проблем каде оди таа ГМ соја која не е уништена, пред се имаат земјоделците кои ја одгледуваат и таа влегува во ланецот на исхрана на стоката на нивните полиња, и тоа во целосно неконтролирани количини – вели Шеварлиќ.

– Луѓето ја хранат стоката со таа соја и повторно тука има голем проблем, што ќе се случи со таа стока, со нејзиното месо, кое ние ќе го јадеме – загрижен е Арсеновиќ.

Притисок на САД на Балканот

Иако Монсанто со објавата за донациите по поплавите, според зборовите на Хрвоје Радовановиќ од здружението на граѓани Зелена акција во Хрватска, доби незаслужено медиумско внимание, сепак не се работи за тоа семе кое оваа компанија го пласира на Балканот.

– Оваа компанија, освен ГМО произведува и пестициди и хибридно семе, па нејзините производи се присутни на подрачјето на поранешна Југославија уште од 80-тите години од минатиот век. Подружница на Монсанто во Хрватска е регистрирана уште во 2001 година. Во таа смисла донацијата на семе на поплавените региони никако не претставува некаков продор во регионот – тврди Радовановиќ.

Според зборовите на нашите соговорници, голема улога во обидот Балканот да се преплави со ГМО производи имаат САД.

Како што вели Радовановиќ, можеби нај интересен случај беше тој од 2001 година, кога САД изврши директен притисок на хрватското Министерство за околината за да спречи донесување на закон кој во целост ќе го забрани ГМО.

– Заканувајќи се дури и со тужба до Светската трговска организација Хрватска на крај попушти под притисоците и се донесе закон, кој иако се уште е рестриктивен, беше поблаг од првиот закон кој се предложи.

Шеварлиќ вели дека постои голем притисок на американската администрација и на Србија, која поставува услови под влијание на нејзините мултинационални компании кои произведуваат ГМО, меѓу кои е и Монсанто.

– САД врши притисок да се реализира увоз на ГМО производи и тоа без означување дека се работи за ГМО производи, за таа земја да даде согласност Србија повторно да стане членка на СТО. На САД е многу важно тоа да се случи пред Србија да стане членка на Европската унија, бидејќи таа земја успеа да издејствува кај ЕУ државите сами да одлучуваат дали ќе дозволат ГМО или не.

Зад Монсанто стојат сите административни капацитети на САД и често се случува функционерите на оваа компанија да станат функционери во американската администрација, што е класичен суди на интереси, смета Шеварлиќ.

Арсеновиќ и Киш од земјоделското здружение во Босна и Херцеговина и Србија сметаат дека балканскиот пазар е интересен за Монсанто.

– Тука има и други големи компании, но мислам дека тоа е во доменот на политиката, не на земјоделството – вели Киш.

Ал Џезира Балкан – Сараево

Би можело да ве интересира

Вонредни контроли на скопски „бувљак“, уништени околу 100 килограми небезбедни чипсови, чоколадни бонбони, наполитанки, конзерви,…

АХВ: Три ресторани и месарница во Кавадарци пласирале небезбедна храна

Горан Наумовски

АХВ: „Атлантик Штарк“ повлекува бисквити поради можност за присуство на надворешно тело

Дурмиши: Ќе има намалување на цените на основните прехранбени производи

AХВ: Откриена е небезбедна храна во месарница и во супер маркет во Скопје

Горан Наумовски

Јајца Л класа, суџук, пудинг од чоколадо: Што ќе се јаде во охридскиот затвор годинава