Белките на очите обоени во различни бои, очи со поглед на тигар или некоја друга дива мачка станаа нешто што се гледа низ ноќните клубови во светот, а оние кои се подготвени за екстремни телесни модификации, во последно време се одлучија за трајно боење на белката, односно тетовирање на очите.
Канаѓанецот Рус Фокс, кој се занимава со телесни модификации и тетовирање на очи, го објаснува целиот процес.
„Почнав да вежбам на свежи свински очи кои ги набавував од локалниот месар, а ми помагаше пријател кој веќе имаше искуство со таа техника. После многу вежби, бев подготвен за првиот клиент и зафатот помина без проблеми, па човекот се врати да му го нацртам и другото око”, раскажува Фокс.
Процесот на тетовирање на очите во суштина нема многу врска со класичното тетовирање, затоа што се заснова на вбризгување на боја во белката со помош на шприц, а “цртежите” сега за сега се ограничени на мешање на бои.