Полицијата објави снимка од сетот на филмот Rust пред и по моментот кога беше застрелана снимателката Халина Хачинс. Шерифот од Санта Фе Адан Мендоза објави и фотографии од местото на злосторството и интервјуа со сведоци, вклучувајќи го и она со Алек Болдвин. Но, полицијата најави дека одлуката дали да се поднесе кривична пријава ќе зависи од исходот од форензичкте анализи.
Болдвин ја застрелал камерманката Халина Хачинс додека како што рече тренирал со пиштол за кој верувал дека е безбеден. Актерот, кој беше и продуцент на филмот, претходно изјави дека не го повлекол чкрапалото и дека нема поим како вистинскиот куршум завршил на сетот.
На снимката објавена денеска се гледа како полицијата и брзата помош брзаат на местото на настанот. Во друг клип, Болдвин е прикажан облечен како каубој кој вежба со пиштол.
Шерифот Мендоза во изјавата рече дека истрагата за пукањето „останува отворена и во тек“. Тој рече дека неколку компоненти на истрагата остануваат нерешени, вклучувајќи форензика за оружјето, анализа на отпечатоците од прсти, експертски извештај и анализа на телефонските податоци на Болдвин.