Во новото видео за песната „Ова лето ќе се памти“, Влатко Лозановски, заедно со манекенката Ана, успеаја преку љубовни сцени да доловат летна романса. Летото, вели Влатко, секогаш асоцира на нешто убаво, па од таму и идејата за оваа летна песна.
„Песната е за сите оние кои имаат или ќе имаат убави моменти. Малку земјотресите во Охрид вознемирија, но се надевам дека тоа ќе помине, па и охриѓани ќе можат ова лето да го паметат по убави нешта“, вели Влатко. Со Ана Трајковска, фотомодел од Куманово, снимаат за првпат заедно. Поп-пејачот ни откри дека тој иако не е актер, сепак, успеал да се снајде во приказната, благодарение на Ана, за која вели дека на снимањето била професионална, како цел живот да го работела ова.
На прашањето што е со неговата љубовна романса, во приватниот живот, Влатко ни откри дека наскоро планира да се ожени со својата долгогодишна девојка Савка.„Но, секако, за тоа ќе ве известам кога ќе дојде време“, вели тој.
Следната година ќе одбележи 10 години од музичката криера. „Во план е да има концерт на кој публиката ќе ги пее моите песни, а планирам да издадам и нов албум за да го одбележам јубилејот“, вели Влатко, кој на музичката сцена се појави во 2008 година, на музичкиот фестивал во Охрид.
Влатко ни откри дека е страсен навивач на Манчестер, дека ужива да гледа, но и да игра фудбал. „Играм од поодамна, и тоа со фудбалски екипи кои се по професија музичари. Годинава го освоивме првото место и играњето фудбал не само што е одлична дружба со пријателите туку и начин да ја преточиш негативната енергија или стресот во нешто друго“, вели Лозано.
Младенците го бараат како изненадување за свадбите, каде најчесто со своите песни го отвора свадбениот валцер .„За мојата свадба ќе ѝ препуштам на понежната половина да ја одбере нашата песна“, ни откри Влатко. Во однос музичката сцена, пак, вели дека кај нас има квалитетни музичари, ама жално е што за сите поголеми музички настани или фестивали секогаш се ѕвезди регионалните пејачи, а не домашните.