Скопскиот концерт на Бреговиќ е закажан во годината кога се одбележуваат јубилејни 50 години од основањето на легендарните Бијело дугме и на 23 март, само еден ден по прославата на 74. роденден на Горан Бреговиќ, најголемата рок легенда на балканските простори. Славеничкиот концерт ќе се одржи во спортскиот центар „Јане Сандански“, а интересно е дека вечерта на истата сцена ќе застанат и членовите на Леб и сол баш онака како некогаш.
Имено, во далечната 1977 година Леб и сол и Бијело дугме прв пат застанале на иста сцена, и тоа во Скопје, но не и последен, зашто следувале уште неколку заеднички дружби ширум целата поранешна држава. Сега, после речиси 47 години следува реприза, но не како тогаш на Градски стадион, туку во СЦ „Јане Сандански“. 60-минутниот настап на Леб и сол ќе биде своевидно патување низ времето и враќање во далечната 1977 година кога членовите чекајќи го миксањето на деби албумот за ПГП РТБ ја добиле понудата да бидат предгрупа на „бандата“ на Бреговиќ.
Бијело дугме, пак, е основано во Сараево во 1974 годна со тогашниот вокал Жељко Бебек, тапанарот Ипе Ивандиќ и клавијатуристот Владо Правдиќ. Првиот албум „Кад би био бијело дугме“ им донесе голема популарност поради мешањето на хард рок музиката со балканскиот фолк.
„Здраво на сите во Македонија, јас сум Горан Бреговиќ. На 23 март во СЦ „Јане Сандански“ ќе свирам добар концерт со мојот Оркестар за свадби и погреби. Ќе биде забавно, ќе свирам сешто – и ново и старо, ќе биде лудо – ‘Кој нема да полуди, тој не е нормален’“, вели Брега во својата порака до македонската публика.
Бреговиќ денес живее во Париз и е еден од најпознатите светски музичари. Има настапувано во најпрестижните сали како „Ројал Алберт хол“ и „Карнеги Хол“, а пишува и филмска музика, свет во кој влезе по Бијело Дугме. Влезниците за големиот солистички концерт во Скопје може да се купат преку https://www.kupikartizase.com/ и на сите нивни продажни места.