Тимот на Македонската асоцијација на готвачи и шефови – ГастроМак Македонија, освои три златни медали на годинашниот Прв интернационален гастрономски натпревар во Измир, Турција, што се одржа од 6 до 8 мај годинава.
Тимот на готвачи на ГастроМак Македонија, составен од шеф Бобан Билбиловски, Лирим Даути и Цветанче Тодоровски, се натпреваруваа во категоријата приготвување нриба, при што со нивните кулинарски вешти и креативност ги задоволија највисоките критериуми на натпреварот и ги освоија симпатиите на интернационалното жири.
– Македонските готвачи уште еднаш покажаа и докажа дека можат да се носат рамо до рамо со високите стандарди во светската гастрономија. Уште повеќе, да иновираат, да експериментираат и да ги наметнат своите вкусови и кај најпребирливите и строги меѓународни судии, изјави претседателката на асоцијацијата ГастроМак Адријана Алачки.
Исто така, на Асоцијацијата и беше укажана доверба, со тоа што на овој интернационален натпревар, како член на меѓународното жири, беше делегиран и еден од основачите на ГастроМак Македонија, Бесим Латифи, лиценциран судија од WACS – Светската организација на шефови на кујни.
– Чест и задоволство е да се биде дел од една ваква манифестација и за мене лично, но е и признание за нашата Асоцијација, изјави Латифи.
ГастроМак е национална асоцијација на готвачи и шефови на кујни во Македонија. Како национално здружение, ја претставува Македонија во WACS во која што членуваат национални асоцијации од над 150 држави во светот.