Чешка агенција снимила контроверзна реклама во која стјуардеса со насмевка им се обраќа на патниците и им вели: „Сите тука ќе умрете! Ти, ти, ти, само јас ќе преживеам“, јави дописникот на МИА од Прага.
Лимонадата „Зенонаде“, според рекламата, е пијалок кој релаксира и помага за подобар сон. Русокосата стјуардеса во видеото, кое може да се види на интернет страницата Јутјуб при објаснувањето на инструкциите за однесување на патниците во разни ситуации при патувањето, во себе си вели: „Ќе го напуштам авионот прва, а сите вие ќе умрете!“.
Токму таквиот „маркетиншки црн хумор“ предизвика огромно негодување и реакции на многу луѓе на интернет.
Директорот на чешката компанија „Лоу енд Партнерс“ Мартин Лохман, која ја креирала рекламата, признава дека таа немала добар прием кај луѓето, но сепак порачува дека сето тоа не треба да се сфаќа премногу сериозно.