Популарната социјална мрежа Х денес доживеа повеќекратни прекини низ целиот свет, што влијаеше на стотици илјади корисници на глобално ниво. По неколкучасовни проблеми, сопственикот на платформата, Илон Маск, излезе со информација за причината за оваа нестабилност.
Во својата објава на X, Маск откри дека платформата била цел на сериозен сајбер напад кој се уште е во тек.
„Има (и продолжува да има) масовен сајбер напад врз X. Секојдневно нè напаѓаат, но ова е направено со многу ресурси. Или е вклучена голема, координирана група и/или држава. Ние следиме…“, напиша Маск.
Оваа негова изјава предизвика голем интерес кај корисниците, особено затоа што сугерира дека зад нападот може да стои државен актер, што овој инцидент може да го подигне на ниво на прашање на национална безбедност.
Експертите за сајбер безбедност веќе долго време предупредуваат за сè почести и софистицирани напади на големи технолошки платформи.
X е особено атрактивна цел поради неговото глобално влијание и фактот што за него секојдневно се споделува огромна количина на информации.
Иако X трпи различни видови сајбер напади на дневна основа, според Маск, овој се издвојува поради количината на ресурси вложени во неговото извршување. Овој тип на напад бара значителна техничка инфраструктура и знаење, што дополнително ја потврдува тезата дека зад се може да стои држава или исклучително добро организирана група.
Техничкиот тим на X моментално е ангажиран во следење на изворот на нападот и стабилизирање на платформата, а многу корисници ширум светот продолжуваат да пријавуваат повремени проблеми при пристапот и користењето на социјалната мрежа.
Инцидентот доаѓа во време кога големите технолошки компании се под зголемен притисок да ја подобрат својата сајбер безбедност, особено по неколку напади на критична инфраструктура во изминатите неколку години.