Лејди Гага беше една од ѕвездите на отворањето на Олимписките игри во Париз, но настапот што беше прикажан на ТВ екраните на брегот на Сена беше претходно снимен.
Како што јави АП, но и бројни француски медиуми, поради неизвесните временски услови, беше емитуван претходно снимен перформанс на скалите покрај брегот на Сена.
Некои француски медиуми пишуваа дека тоа било разочарување за 320.000 гледачи на свеченото отворање.
Lady Gaga dazzles at Olympics opening ceremony with prerecorded renditions of French songs https://t.co/SRP8Jc86hY
— Washington Times Sports (@WashTimesSports) July 26, 2024
Пејачката по настапот се огласи на социјалните мрежи, но не се осврна на коментарите и прашањата зошто настапот е однапред снимен.
„Иако не сум француски уметник, отсекогаш сум чувствувала многу посебна врска со Французите и пеењето на француската музика – не сакав ништо повеќе освен да направам претстава што ќе го стопли срцето на Франција, ќе ја слави француската уметност и музика, и во една ваква значајна прилика да ги потсети сите на еден од најмагичните градови во светот – Париз“, напиша Гага на социјалните мрежи.
Американската пејачка пееше на француски јазик, а присутните во Париз, но и гледачите на ТВ преносот ги поздрави со зборовите: „Добра вечер, добредојде во Париз“.
Потоа следеше разиграна изведба на песната „Mon Truc en Plumes“, придружувана од танчери на скалите покрај реката Сена.
Пејачката се појави во црно боди и црни потпетици, а танчерите беа облечени и во црна облека со додатоци од пердуви кои им служеа за танцовата кореографија.