Во туристичката населба Трпејца на источниот брег на Охридското Езеро и оваа година во периодот од 20 до 28 јули ќе се одржува културно–забавната манифестација „На зајдисонце“.
Шестото издание на манифестацијата организирана од Здружението за развој и промоција „За Трпејца со љубов“, со поддршка на општина Охрид ќе изобилува со интересни содржини и програма осмислена да го привлече вниманието на мештаните и бројните туристи кои летуваат таму.
Во рамки на манифестациајта се предвидени уметнички изложби, музички концерти за сите вкусови и генерации, едукативни трибини и средби, како и веќе традиционалните содржини „учиме англиски“, „фаќање риба на јадица“, „учиме да пливаме“, „учиме шах“, „цртаме на зајдисонце“, излетот на гостите и домаќините по патеката „Чоколско“ и кајакарската регата „Номче Митрески“.
Сите настани и обуки во рамки на манифестацијата се бесплатни, поддржани од локалната бизнис-заедница.