Компанијата „Пелистерка“ денеска го промовираше календарот за 2017 година на кој на 12 фотографии е сликана хрватската пејачка Северина, која е заштитен знак на оваа компанија.
Снимањето на фотографиите се одвиваше во Загреб, а во него беше вклучена 25-члена екипа од Македонија, Хрватска и Словенија.
Од менаџментот на „Пелистерка“ потенцираат дека компанијата го засилува своето присуство на пазарите во Хрватска, Србија, Бугарија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово поради што и било потребно добро познато и популарно лице како Северина.
– По седум успешни изданија на календарот без лажна скромност можам да кажам дека „Пелистерка“ се етаблираше како компанија која ги поставува трендовите во нашата индустрија, но истовремено и ги подигнува стандардите за тоа како треба да биде промовиран еден корпоративен производ. Од година во година на јавноста и се презентираме преку сеопфатна стратегија, од која составен дел е претставувањето на квалитетен, најпрофесионално изработен календар на кој соработуваме со најатрактивните жени од земјава и регионот, рече Тања Панделеска, маркетинг-директорка на „Пелистерка“.
На промоцијата беше најавена реализација на уште неколку проекти меѓу „Пелистерка“ и хрватската пејачка.
На Северина ова ѝ е прва соработка со компанија од Македонија и како што денеска изјави уживала во целиот процес на подготовка на календарот.
– Ова беше малку поинакво снимање, кое бараше сериозно планирање, но и физичка издржливост. Драго ми е дека „Пелистерка“ ми отвори можност да се испробам во поинакво светло, во улоги кои, во најмала рака, бараа и каскадерска умешност. Задоволна сум од финалниот производ, мислам дека е вистински уметнички и софистициран производ, што комплетно одговара со имиџот на компанијата, истакна Северина.
Концептот за годинашниот календар го подготви маркетинг агенцијата „Њу Момент“, уметнички директор е Никола Војнов, продуценти Тања Панделеска и Филип Димитров, а фотографиите се на Јелена Балиќ.