Се воведуваат дополнителни мерки за безбедност на храна

Од:

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека денеска ги проширила активностите по вонредните инспекциски контроли од почетокот на минатата недела, за превенција, намалување и елиминирање на ризикот од евентуално ширење на заразата со листерија.

Со новите дополнителни превентивни мерки за исполнување на посебните барања за безбедност на храната се забранува ставање во промет на храна од животинско потекло опфатена со Правилникот, а кои се однесуваат на микробиолошките критериуми, се додека не се добие задоволителен лабораториски наод, се наведува во соопштението од АХВ.

Агенцијата ги проширила активностите со надополнување на годишната Наредба за извршување на ветеринарните мерки и контроли за заштита на јавното здравство од контаминенти или резидуи кои се пренесуваат од животните или производите од животинско потекло, со воведување на обврска за операторите со храна од животинско потекло за задолжително лабораториско испитување на сите лотови на производи од животинско потекло опфатени со Правилникот за посебните барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храна, за утврдување на евентуално присуство на бактеријата Listeria monocytogenes.

Испитувањата се вршат во акредитирани лаборатории со акредитирани методи. Во случај на позитивни наоди од земените мостри, Агенцијата, како што се наведува, ќе нареди итно повлекување на спорните производи и ќе изврши задолжително информирање на граѓаните за евентуално спорните производи.

Агенцијата донесе наредба за спроведување на вонредни превентивни контроли кај операторите кои произведуваат храна, со посебен осврт во делот на исполнувањето на предусловните програми, контролата на прием на суровини, технологијата на производствениот процес, (со акцент на контрола на температура при термички третман и останати критични контролни точки), транспортот, дистрибуцијата, постапките за следливост и повлекување и нивната функционалност, се вели во соопштението.

Како дел од засилените инспекциски мерки се спроведуваат и активности за контрола на малопродажните објекти во однос на условите за промет и продажба со посебен осврт потенцијално осетливите производи на оваа бактерија, условите на складирање и продажба како и на рокот на употребата на производите. Во рамки на засилените контроли, Агенцијата ги пренасочи сите расположиви ресурси во спроведување на мерките. Во наредните денови продолжува континуираната контрола на сите точки во ланецот на безбедност на храна кои се сметаат за ризични.

На препорака на Министерството за здравство Агенцијата почна и постапка на измена и дополнување на Правилникот за посебните барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храна, иако е усогласен со релевантното законодавство на ЕУ, во правец на воведување на постриктни критериуми во однос на бактеријата Listeria monocytogenes.

Со цел спречување на појава од заразни заболувања, кои се пренесуваат преку храна, треба да се почитуваат превентивните мерки за заштита на здравјето кои се однесуваат на темелно миење на рацете пред подготовка и пред консумација на храна и почесто миење на рацете за време на подготовка на храната, храната да се користи веднаш по подготвувањето, а доколку не се употреби веднаш, да се чува на температура од 2 до 8 степени Целзиусови (во фрижидер), и при повторна употреба да се загрее на температура над 70 степени Целзиусови, да не се консумира сирова или недоволно термички преработена храна, посебно месо и преработки од месо, непастеризирано млеко, млечни производи и јајца, сировата и подготвената храна да се чува во фрижидер одделно, во посебни заштитени садови, со што ќе се избегне можност за загадување на веќе подготвената храна, да не се остава подготвена храна на собна температура подолго од 1 час, односно подготвената храна ставете ја во фрижидер веднаш по користењето, каде препорачливо е да се чува максимум три дена и јадењето да не се подгрева повеќе од еднаш.

Свежиот зеленчук, овошјето и салатите потребно е темелно да се измијат под силен млаз вода – пред јадење, сечкање или готвење, во летен период да се избегнува лесно расиплива храна, како што се мајонези, кремови, сладолед од свежи и термички необработени јајца, да се консумира безбедна вода за пиење, а доколку не сте сигурни за нејзиниот квалитет, пред употреба задолжително да се преврие, кај бремените жени, лица со хронични болести, лица со намален имунитет, лица над 65 години и мали деца, потребно е поголемо внимание при консумација на храна во летниот период.

Освен почитувањето на општите превентивни мерки, наменети за целото население, тие лица треба да ги почитуваат и следните препораки за заштита на здравјето: да избегнуваат користење на непастеризирано млеко и млечни производи од непастеризирано млеко, како што се меки сирења, намази и слично, да избегнуваат: консумирање паштети, сувомесни производи, чадена риба и други чадени и термички необработени месни производи, користење на претходно подготвени овошни и салати од зеленчук (термички необработени), сладолед, мајонез и кремови подготвени од свежи или недоволно термички обработени јајца. За ризичната категорија лица се препорачува користење на свежо приготвена храна во домашни услови, стои во соопштението од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Би можело да ве интересира

Вонредни контроли на скопски „бувљак“, уништени околу 100 килограми небезбедни чипсови, чоколадни бонбони, наполитанки, конзерви,…

АХВ: Три ресторани и месарница во Кавадарци пласирале небезбедна храна

Горан Наумовски

АХВ: „Атлантик Штарк“ повлекува бисквити поради можност за присуство на надворешно тело

Дурмиши: Ќе има намалување на цените на основните прехранбени производи

AХВ: Откриена е небезбедна храна во месарница и во супер маркет во Скопје

Горан Наумовски

Јајца Л класа, суџук, пудинг од чоколадо: Што ќе се јаде во охридскиот затвор годинава