Се буните сите, а пола Македонија е со бугарски пасош – Никола Станишиќ ја брани Цеца

Од:

По инцидентот на концертот на Цеца Ражнатовиќ во Велес, македонскиот пејач Никола Станишиќ реагираше на социјалните мрежи.

„Се разбудив со мисла за оние кои повеќе не се со нас, на Задушница во нивно име да ги спомнеме… ама денот сакал поинаку,“ напиша Станишиќ, алудирајќи на вчерашните настани во спортската сала „Гемиџии“.

Тој откри дека, според него, жената која му помогнала за време на настапот во Велес била изманипулирана, и тоа од свој верен фан на Цеца.

„Жената која ми помогна да го отсонувам сонот вчера во Велес била изманипулирана и тоа од свој верен фан, девојка која доаѓа на сите нејзини концерти. Како и зошто, тоа е друго прашање,“ напиша тој.

Станишиќ упати апел до јавноста да не ги меша уметниците со политиката, нагласувајќи дека музиката треба да сплотува, а не да разделува.

„Задачата на музиката е сите да нè сплотува — Македонци, Срби, Бугари, Грци… сите сме луѓе на светов! Не дозволувајте политиката да влијае на здравиот разум! И едно знам — Цеца не би го направила тоа намерно, тоа е сигурно,“ напиша Станишиќ.

Тој потсети дека Цеца во минатото ја пеела заедно со него песната „Бисер Балкански“, држејќи македонско знаме на сцената.

„Луѓе, доста е! Престанете да ги користите уметниците во политички цели! Тие се тука да ви го разубават животот!“ – додаде тој.

Во завршницата на објавата, Станишиќ остро го критикуваше, како што рече, „двојниот морал“ во јавноста:

„Се буните сите, а пола Македонија е со бугарски пасош. Срамота!“

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Скандал во Велес: Цеца исвиркана откако подигна бугарско знаме

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Толпа од десетици луѓе паднала на концертот на Цеца

Ана Ололовска