Прошетка под мотото „Напред розово – чекори против ракот на дојка“ во чест на сите жени кои имаат рак на дојка, за оние кои се излечиле, но и за оние кои ја изгубиле битката со болеста, ќе се одржи на 1 октомври на плоштадот „Македонија“.
Прошетката ќе се одржи во организација на Здружението за борба против рак „Борка – за секој нов ден“ со што ќе почне тримесечната кампања за борба против оваа болест.
Прошетката која ќе се одвива во центарот на Скопје ќе почне на плоштадот „Македонија“, ќе продолжи на улицата „Македонија“, потоа по улицата „Димитрие Чупоски“ по што учесниците ќе поминат низ порта „Македонија“ и ќе се вратат на плоштадот. Рутата е долга три километри и е во вид на панделка.
Ова денеска на прес-конференција го истакна Биба Додева, претседател на Здружението Биба Додева. Таа посочи дека кампањата ќе се одвива во сите поголеми градови во Македонија, а розовиот едукативен караван е составен од лекари, психолози и онколози.
– Со кампањата сакаме да ја подигнеме свесноста меѓу жените со метастатски, напреден стадиум на рак на дојка, кој може да се излекува доколку е откриен навреме. Сакаме да ги поттикнеме жените кои живеат со рак на дојка да имаат продуктивен и квалитетен живот и да се стремиме да се намали инциденцата на напредната болест преку подобрување на услугите за поддршка, рече Додева.
Таа нагласи дека од продажбата на секое од 30-илјадите пакувања чоколадни бонбони „Аталантис“ во кои се вметнати информативни флаери на македонски и албански јазик, 10 денари ќе бидат одвоени за активностите на Здружението.
– Денеска ќе се одржат две едукативни предавања – едното во Чаир на албански јазик, а другото во Струмица на македонски јазик, додаде Додева.
Лора Баун, одговорна за односи со јавност во Американската амбасада, која неколку години ја поддржува кампањата на „Борка“, рече дека ракот на дојката е болест која допрела речиси секого бидејќи сите, како што рече, имаме сакан член од семејството или пријател, сосед кој се соочил со тоа.
– Се надевам дека сите ќе и се придружат на „Борка“ и нашиот тим од Амбасадата во недела на 1 октомври да чекориме заедно во чест на сите кои изгубиле живот, оние кои продолжуваат да се борат и сите нивни семејства, пријатели, доктори кои ги поддржуваат, додаде Браун.
Одговарајќи на новинарско прашање, Додева рече дека Македонија е на трето место по смртност од сите малигни заболувања во Европа.
– Над 1.200 жени секоја година се детектираат, а четири жени дневно заболуваат од рак на дојка. Нашите заложби се да им се овозможи на сите жени и мажи да добијат соодветен и навремен третман и пристап до нова терапија. Вчера имавме состанок и со претставници на Владата и добивме позитивен одговор и поддршка за имплементација на Националната стратегија за контрола на ракот која ќе почне во 2018 година, истакна Додева.