Македонскиот гастроном Влатко Огненовски ја промовираше својата книга „Модерна македонска кујна“ во која се собрани рецепти кои потекнуваат од македонското поднебје.
Книгата содржи 100 модерни оброци инспирирани од традиционалната македонска кујна, како и заборавени рецепти од различни подрачја од Македонија.
– Ова е потсетник за убавината на животот, запис за љубовта и за природата. Во книгата ќе најдете рецепти од нашите баби, прераскажани во модерни и убави фотографии и дизајни. Ќе забележите состојки од дворот на нашата викендичка, од планината на половина час возење од дома, истакна Огненовски на промоцијата што се одржа во Форца кафе.
Според него, целта е да се обнови автентичната македонска кујна, природните состојки кои растат во дворот, како и напуштените начини на приготвување на храната.
На промоцијата беше најавено и активирањето на Институт за кулинарски уметности. Книгата ќе биде во продажба од јануари.