Познатиот албански поп пејач Шпат Касапи почина ненадејно утрово во Италија.
Неговиот брат Аљбин во изјава за албански медиуми посочува дека засега се сомневаат дека причина за смртта е срцев удар.
Шпат Касапи е роден на 1 мај 1985 година во Тетово. Касапи е син на екс пратеничката од СДСМ, Ѓилумсер Касапи. Тој пораснал во семејство со музичка традиција, која силно влијаела врз неговото уметничко оформување.
Кариерата ја започнал на почетокот на 2000-тите и многу брзо станал идол на младите.
Шпат беше важна фигура на албанската поп-музика во земјава и во регионот, задржувајќи ја популарноста со својот препознатлив стил.
Зад себе остави сопруга и едно дете.
Инаку, Касапи имаше кусо искуство и како советник за култура и општество на првиот вицепремиер во претходната Влада, Артан Груби.
