Дека љубовта нема граници, докажа еден Индиец, кој за својата жена буквално преполовил планина. За тоа му биле потребни дури 22 години, но не му паднало на памет да се откаже и затоа приказната за неговото импресивно дело сега ќе стане боливудски филм, пишува Дејли меил.
Дасрахт Манџи, припадник на најсиромашната индиска каста, ја изгубил сопругата Фалгуни во 1959 година, бидејќи не добила лекарска помош на време.
Фалгуни не стигнала до болницата, бидејќи од своето село до најблиската болница морале да одат преку планина која води до најблискиот град оддалечен 55 километри. Болката и тагата за загубата на саканата жена, Манџи се одлучил да ја покаже на необичен начин. Цврсто одлучил планината Гехлоур сместена во источен Бихар, која на некој начин кумувала на смртта на неговата сопруга, повеќе на никого да не го направи истиот проблем. Земал чекан и длето во рацете и не ги испуштал ден и ноќ. Ја сечел планината по средина, а неговите мали резови набрзо се претварале во се поголеми, додека на крај не успеал да ја намали оддалеченоста до градот од 55 километри на само 15. Во 1982 година пробил патче од 110 метри, кое на некои места било широко дури 9 метри. Оваа приказна е прекрасна и инспиративна.
Тој докажал дека нешто невозможно всушност е можно, ако тоа многу го сакате. Тоа што го направил помогнало на илјадници луѓе – рече Навазудин Сидику, боливудски глумец кој во филмот ќе го глуми Манџи. Филмот ќе се вика Манџи планински човек, а Сидику признава дека во некои моменти му било тешко да го одглуми Манџи.
– Најтешко ми беше да го доловам аспектот на тој негов фанатизам. Тоа што всушност го направил е одлично. Такво нешто треба да биде пример за младите – рече Сидику. Манџи бил свесен дека мештаните го прогласиле за луд кога почнал да ја крши планината. По неговата макотрпна работа, срамна е информацијата дека на локалните власти им биле потребни дури 30 години преминот кој го направил да го претворат во вистински пат. Манџи рекол дека бил воодушевен кога видел дека успеал во својата намера. Манџи умрел во 2007 година, од рак на меурот, а поради неговиот придонес на заедницата погребан е со државнички почести во Бихар. Филмот кој се снима за Манџи пред се носи порака за голема љубов, која значи несебичност и пожртвуваност и чии цели се надчовечки.