Традиционалниот фестивал на пивото „Пиволенд 2014“ почнува денеска на Скопско кале.
Седмото издание на гурманскиот собир, кој ќе трае до недела, ќе понуди повеќе од 50 видови пиво, добра храна и одлична музика. Мотото на „Пиволенд“ и годинава е промоција на македонската музика, култура и традиција.
Посетителите ќе можат да уживаат во настапот на „Леб и сол“, „Мизар“, „Културно Уметнички Работници“, „Астероид Б612“, „Хроматик Поинт“, „Бени & Нон стоп“, „Д Џон“, реге составот „Јосип А Лисац“, „Тумбао салса бенд“, Дани Димитровска, Тијана Дапчевиќ, Тамара Тодевска, Лозано…
Во рамки на „Пиволенд“ ќе има и дополнителен стејџ т.н. Фреш, за млади артисти, каде свирките ќе траат до три часот по полноќ. На програмата е и концертот „Трибјут ту Пинк Флојд“.
Како и секоја година, влезот на „Пиволенд“ ќе биде бесплатен.