„Нутрикон 2015“: Добро балансирана храна и да се јаде умерено

Од:

Потрошувачите секојдневно да се информираат и да се јаде умерено, ова е заклучокот на меѓународната конференција за квалитет и безбедност на храна, здравје и нутриционизам „Нутрикон 2015“, што денеска и утре се одржува во Скопје.

Состојки и додатоци во храната, структура на храна, адитиви, витамини, фортикикација на храна, нутритивна физиологија, производство и преработка на храна, прехранбено инженерство и одржливост, клиничко здравје и исхрана, анализи на храна, микробиологија, хемија и биохемија на храна, сензорни својства на храна и ИТ науки, квалитет и безбедност на храна, јавно здравје и нутритивна епидемиологија, микробиолошки, хемиски, физички опасности, анализа на ризик, јавно здравје и исхрана, прехранбена биотехнологија, нови биопроизводи, функционална храна, потрошувачи, се само некои од темите на конференцијата.

„Нутрикон 2015“ се организира во соработка со Европската групација за хигиенско инженерство и дизајн (ЕХЕДГ), Иницијативата за глобална хармонизација (ГХИ) и Спрингер, а е акредитирана од Лекарската комора на Македонија и Стоматолошката комора на Македонија.

Проф. д-р Владимир Какуринов, извршен директор на Консалтинг и тренинг центар „Клуч“ информира дека оваа конференција вторпат се одржува во Македонија. Првпат се одржа лани, на иницијатива на Европската федерација за храна, наука и технологија.

Тој истакна дека последните неколку години, не само во Македонија туку и во другите држави, постои тренд на социјалните медиуми да се јавуваат луѓе кои препорачуваат лекови кои лечат разни и тешки болести. Сето тоа, како што рече, не е проверено, не е базирано врз научни податоци, факти и докази.

– Идејата беше на едно место да се соберат повеќе струки кои од различен аспект ќе зборуваат за темата. На едно место се собираат доктори по хумана медицина, орална медицина, биотехнолози и технолози и се дискутира за прашања за квалитет, безбедност за храна, здравје и нутриционизам. Сето тоа е базирано врз научни истражувања и клинички опити, рече Какуринов и додаде дека  ова е мултидисциплинарна средба.

Според него, на ова место луѓето се вмрежуваат и дознаваат кој до каде е, што работи и што е најново. Тоа е прекрасна шанса за македонската наука и научници да се вмрежат со своите колеги од целиот свет и да работат уште поуспешно.

– Акцентот на конференцијата годинава е традиционалната храна, традиционалниот начин на исхрана и традиционалната медицина, од аспект на лечење на разни болести. Употребата на билки со кои Македонија е исклучително богата. Имаме претставници од Азија кои ќе зборуваат за нивното искуство и клинички опити во Азија, Јужна Америка и Југоисточна Европа, рече Какуринов.

Тој нагласи дека секој потрошувач треба секојдневно што повеќе да се информира, да прави свој индивидуален избор.

– И она што е клучно во исхраната е да се јаде умерено. Не може да се каже дека нешто е исклучително здраво или не е здраво бидејќи она што се смета дека не е здраво му е неопходно на организмот. Целта е само колку се користи количински, истакна Какуринов.

Д-р Јашар Џенгис, шеф на дијагностички лаборатории во Клиничката болница „Аџибадем Систина“-Скопје за конференција има подготвено излагање за улогата на витаминот Б3 во однос на стареењето и за тоа како да се забави тој процес.

– Добар дел од болестите што се јавуваат кај луѓето, тоа го потврдуваат и сите епидемиолошки анализи, се резултат на несоодветна и неадекватна исхрана од една страна. Храната што ја конзумираме не секогаш е свежа, од вистински извор или е сертифицирана, рече Џенгис.

Со храната, како што рече, не треба да се претера, да не се јадат секој ден хамбургери со пржени компирчиња, пица… Треба да се избалансира таа храна и да не се јаде еден ист тип на храна.

Џенгис нагласи дека треба да се внимава на исхраната и секојдневно да има добро балансирана храна. Риба, телешко месо, мисиркино месо, сончогледовите семки, грашок и авокадо се материи кои имаат најголема концентрација на витамин Б3.

На конференцијата учестувуваат повеќе од 150 научници, истражувачи, експерти, компании, владини и невладини организации, консултанти и индивидуалци од Европа и од целиот свет кои работат во областите на производство, преработка, квалитет и безбедност на храна, исхрана, здравје, нутриционизам, хигиенско инженерство и дизајн, иновативни технологии, нови трендови во прехранбената индустрија.

Би можело да ве интересира

Изречени 23 парични казни на продавници за храна

Вонредни контроли на скопски „бувљак“, уништени околу 100 килограми небезбедни чипсови, чоколадни бонбони, наполитанки, конзерви,…

АХВ: Три ресторани и месарница во Кавадарци пласирале небезбедна храна

Горан Наумовски

АХВ: „Атлантик Штарк“ повлекува бисквити поради можност за присуство на надворешно тело

Дурмиши: Ќе има намалување на цените на основните прехранбени производи

AХВ: Откриена е небезбедна храна во месарница и во супер маркет во Скопје

Горан Наумовски