Растот на температурата предизвикан од климатските промени ќе доведе до исчезнување на дивите видови на кафе арабика во рок од само 70 години, што се заканува на генетскиот опстанок на една од основните аграрни суровини, предупредуваат експерти на Кралската ботаничка градина Киу, во Лондон.
Комерцијалните одгледувачи на кафе и во иднина ќе можат да го одгледуваат на плантажите ако се обезбедат потребните услови, но загубата на дивите видови, кои поседуваат поголема генетска разновидност, ќе го доведе во прашање долгорочниот опстанок на таа култура, бидејќи борбата со болестите и паразитите кои ќе го напаѓаат кафето ќе биде тешка, пренесува Ројтерс.
Британскиот тим во соработка со етиопски експерти дојде до заклучок дека до 2080 година ќе исчезнат од 38 до 99,7 отсто површини поволни за одгледување на диви сорти на кафе арабика, кое е многу чувствително на климатските услови, па и промената од неколку степени Целзијусови, ќе биде фатално за тој вид на кафе. Експертите потенцираат дека наведените прогнози се дури и конзервативни, бидејќи со нив не се опфатени негативните ефекти од значајната дефорестација на која се изложени Етиопија и Јужен Судан, уште една област во која успеваат дивите видови на кафе арабика.
Култивираната арабика има удел од над 60 отсто во светското производство на кафе. Оваа година во светот се произведени околу 4,86 милиони тони арабика, чија велепродажна цена достигнува 16 милијарди долари. Извозот на арабика е од клучно значење за стопанствата на Бразил, Етиопија и Судан, земји во кои од оваа култура живеат милиони луѓе.