РТС – Белград
Нашите мозоци се зафатени повеќе од кога било . Константно не напаѓаат факти, псеудофакти, разни шпекулации и сето тоа е претставено како информација. Обидот за раздвојување на важно од неважно, на она што треба да се знае и она што треба да се игнорира е многу напорен. Паралелно со тоа, денес имаме и повеќе работа. Пред 30 години агенти за патувања резервираа карти за авиони наместо нас и карти за возови, трговците ни помагаа при купување, професионални дактилографи или секретарки помагаа на вработените во кореспонденцијата.
Сега, сето тоа главно го вршиме сами. Работиме работи за десет луѓе, додека истовремено се обидуваме да имаме свој живот и нашите деца и родителите и пријателите, да имаме кариера, хоби, но и време за гледање телевизија.
Смартфоните (паметните телефони) стануваат наш „сет за преживување‟, како домашен апарат кој има дигитрон, интернет, меил, речник, гејмбој, календар, диктафон, временска прогноза, апликација за прва помош, ГПС, СМС, Твитер, Фејсбук и батеријска лампа. Тие се моќни, работат повеќе работи од најразвиен компјутер во корпоративното седиште на ИБМ, од пред 30 години. Сите ги користиме, постојано, како дел од манијата на 21 век.
Пишуваме пораки додека преминуваме преку улица, проверуваме меил додека стоиме во ред, ручаме со пријателите и потајно на Фејсбук гледаме што прават нашите познаници; во кујната бележиме ставки за купување додека го слушаме омилениот интернет подкаст, и така го поминуваме секој слободен момент. Но, секогаш постои нешто што ја расипува среќата. Иако мислиме дека работиме неколку работи паралелно, тоа всушност е ѓаволска илузија. Ерл Милер, невронаучник на Технолошкиот институт во Масачусетс и еден од светските експерти кога се во прашање сознанијата за поделеното внимание, вели дека нашите мозоци „немаат мрежа за паралелно вршење на активности… луѓето мислат дека работат неколку работи истовремено, а всушност само побрзо се префрлуваат од една задача на друга‟. Секогаш кога го прават тоа, постои когнитивна цена за тоа.
– „Ние не владееме со многу топчиња во воздухот како вистински жонглери, туку повеќе личиме на лош аматер кој врти чинии, френетично префрлувајќи се од една задача на друга; игнорирајќи ја таа прва накосо поставена чинија, се грижиме да не се скрши следната во низот‟. Иако мислиме дека многу нешта правиме одеднаш, иронично, истовремено вршење на активностите не прави многу помалку ефикасни. Утврдено е дека „мултитаскингот‟ или паралелно вршење на работи, го зголемува производството на хормоните на стрес, кортизол и адреналин, што може премногу да го стимулира мозокот и да предизвика ментална магла, или „поматено мислење‟.
Мултитаскинг предизвикува и лачење на допамин, хормон кој поттикнува зависност, со што мозокот ефикасно се наградува за губење на фокусот, или за постојана потрага по надворешна стимулација. И работите да бидат полоши, префронталниот кортекс на мозокот надлежен за планирање, утврдување на приоритетот, процена на последиците и потискување на импулсивните реакции, има склоност кон новини, што значи дека неговото внимание лесно може да премине на нешто друго, како кога користите шарени предмети да го привлечете вниманието кај децата.
Иронијата за тие кои се обидуваат да се фокусираат сред овие компетитивни активности е јасна: токму во тој дел од мозокот кој ни е потребен да останеме концентрирани, лесно е да се одврати вниманието. Одговараме на телефон, бараме нешто на интернет, ја проверуваме поштата, праќаме пораки и секоја од тие активности ги надразува центрите на мозокот кои бараат новини, или награда, со што се поттикнува ендогените опијати. Не е чудо што чувството е толку добро, бидејќи тоа е ултимативна „шарена лага‟ за мозокот. Наместо да освоиме некоја од големите награди кои доаѓаат од постојан, фокусиран напор, ние се задоволуваме со ситно кое го добиваме кога вршиме многу ситни задачи.
Не толку одамна, кога заѕвонувал фиксен телефон, а луѓето биле зафатени, или не се јавувале или го исклучувале телефонот. Тогаш не се очекувало да го добиете лицето во истиот момент и тоа било нормално. Денес луѓето имаат повеќе мобилни телефони од тоалети. Поради тоа, се прифати очекување дека секого можете да го добиете кога ви треба, без оглед на тоа дали тоа на некого му одговара. Тоа е толку всадено што на состаноци луѓето рутински одговараат на пораките – „Жалам, не можам сега да зборувам, на состанок сум‟. Самата прилика истовремено да се вршат повеќе активности е штетна и за когнитивните постигнувања. Глен Вилсон, светски познат професор по психологија од колеџот „Грешам‟ во Лондон, оваа појава ја нарече „инфоманија‟.
Истражувањето кое го правел покажало дека кога сте во состојба во која се обидувате да се концентрирате на една задача, а имате непрочитан меил кој ве чека во „инбокс‟, тоа може да го намали вашиот ефективен коефициент на интелигенција (IQ) за 10 поени. И иако денес на марихуаната се припишуваат многу корисни својства (поттик на креативноста, намалување на бол и стрес), документирано е дека нејзината основна психоактивна состојка канабиолот активира одредени канабиодни рецептори во мозокот, што исклучително пречат на меморијата и нашата способност да се концентрираме на неколку работи истовремено. Вилсон во студијата покажува дека когнитивните загуби при мултитаскинг, дури се и поголеми од тие при употреба на марихуана.
Рас Полдрак, невролог од Универзитетот Станфорд, открил дека преземањето на нови информации во тек на мултитаскинг, предизвикува тие да не одат во погрешен дел од мозокот. Ако студентите учат и истовремено се обидуваат да следат телевизиска програма, на пример, информациите од учењето одат во стриатумот, дел од мозокот кој е специјализиран за чување на нови постапки и вештини, а не факти и идеи. Кога нема пречки, информациите одат во хипокампусот, каде се организираат и се категоризираат на разни начини и така стануваат поедноставни за употреба. Ерл Милер истакнува дека „луѓето не можат добро да вршат повеќе работи одеднаш и кога тврдат дека тоа го можатк, самите се лажат‟. Се чини дека мозокот е многу добар во залажување.
Едно момче неодамна починало откако во интернет кафе на Тајван играл компјутерски игри три дена без пауза. Докторите како причина за смртта навеле исцрпеност на организмот. Значи, постои и метаболичка цена за која пишува Данијел Левитин, автор на бестселер, когнитивен психолог и невронаучник, професор на Универзитетот Макгил: „Кога мозокот го пренасочува вниманието од една активност на друга, префронталниот кортекс и стриатумот ја согоруваат глукозата, истото гориво кое им е потребно да останат на задача. Ова постојано пренасочување на вниманието предизвикува нагло трошење на горивото, така во многу кус временски рок се чувствуваме исцрпено и дезориентирано. Ние буквално ги трошиме хранливите материи на сопствениот мозок и тоа многу влијае како на нашите когнитивни така и на физичките перформанси‟.
Покрај другото, претерувањето во мултитаскинг доведува и до анксиозност која го зголемува нивото на кортизолот во мозокот, кој за возврат доведува до агресивно и импулсивно однесување. Од друга страна, фокусирањето на задачата е контролирано во предниот цингуларен кортекс и стриатум и еднаш кога ќе се активира, одржувањето на таа состојба користи помалку енергија од мултитаскингот и ја намалува потребата на мозокот за глукоза. Но, тоа не е се, мултитаскингот бара и донесување на одлуки: Дали да одговорам на оваа порака или да ја игнорирам? Каде да го архивирам овој меил? Дали да продолжам со работа или да направам пауза?
Значи, донесувањето на одлуки тешко паѓа и на нашите неврони, бидејќи малите одлуки одземаат енергија исто како и големите. Прво губиме контрола на импулсот. Тоа нагло се претвара во „потрошена состојба‟ во која, откако сме ја потрошиле енергијата на низа незначајни одлуки, можеме да донесеме повеќе погрешни одлуки и така да загрозиме нешто навистина важно.