На инцијатива на Националната коисија за човекови права, властите во Тајланд донесоа одлука според која на студентите што имаат пирсинг на ушите и лицето и видлива тетоважа нема да им биде дозволен пристап во државните училишта и факултети во Бангкок и дистриктот што спаѓа под надлежност на главниот град на сијамското кралство. Со образложение дека младите луѓе со пирсинг и видлива тетоважа се „во ризик да се вклучат во антисоцијални појави и насилство“, на студентите што ги имаат овие белези ќе им се дозволи да посетуваат настава само во вечерните часови.
Властите истакнуваат дека пред донесувањето на одлуката консултирале огромен број родители и бизнисмени, посебно од туристичкиот сектор, а тие ја поддржале иницијативата. Се наведуваат и правилници на повеќе државни агенции, странски компании и хотели во кои не се примаат на работа ни лицата што имаат траги од пирсинг. Ако сакаат работа, посебно во добро платените компании со јапонски капитал, младите од Тајланд ќе треба со оперативен зафат да ги отстранат трагите на пирсингот.
За сега нема негативни реакции на ваквата одлука на тајландските власти, иако пирсингот и големите тетоважи на телото се доста популарни меѓу младата генерација во овој дел на Азија.