Боб Дилан е обвинет во Њујорк, од жена која тврди дека тој сексуално ја нападнал пред речиси 60 години, кога таа имала 12 години.
Во тужбата поднесена кон крајот на минатата седмица од тужителката Џ.Ц. се вели дека Дилан го злоставувал девојчето во период од шест седмици, меѓу април и мај 1965 година. Се тврди и дека Дилан „го искористи својот статус како познат музичар за да ја снабди Џ.Ц. со алкохол и дрога и постојано ја напаѓал сексуално“.
Боб Дилан, кој наполни 80 години во мај, е обвинет и за физичка закана кон девојчето.
Според наводите во обвинението, наводната злоупотреба се случила во станот што Дилан го поседува во познатиот њујоршки хотел „Челзи“.
Адвокатот на Дилан, Роберт Цимерман, во изјава за „Ју-ес-еј тудеј“, изјави дека „обвинението старо 56 години е невистинито и енергично ќе биде побиено на суд“.
Дилан се смета за еден од најголемите текстописци на сите времиња. Меѓу неговите најзначајни дела се „Blowin’ In The Wind“, „The Times They Are Changin“ и „Like a Rolling Stone“. Тој ја доби и Нобеловата награда за литература за 2016 година, за „создавање нови поетски изрази“ во рамките на големата традиција на американска песна.