Пресли Гербер, синот на манекенката Синди Крафорд, почина на 27-годишна возраст, потврди претставник на семејството.
Гербер починал во неделата во установа за рехабилитација. Причината за смртта засега не е утврдена, а обдукцијата сè уште не е завршена.
Претставникот на семејството на Синди Крафорд, нејзиниот сопруг Ренди Гербер и нивната ќерка Каја побарал од јавноста да ја почитува нивната приватност во овој тежок период.
Пресли Гербер е роден во 1999 година како постарото од двете деца на Синди Крафорд и претприемачот Ренди Гербер. Неговата помлада сестра Каја Гербер, исто така, тргна по стапките на мајка им и изгради успешна кариера како манекенка и актерка.
Пресли почнал да се занимава со манекенство уште како тинејџер, а на модната писта дебитирал за „Москино“.
Во текот на кариерата соработувал со голем број познати модни куќи и брендови, меѓу кои „Долче и Габана“, „Келвин Клајн“ и „Томи Хилфигер“. Се појавувал и во кампањи заедно со својата сестра Каја.
Во последните години Гербер јавно зборуваше за проблемите со менталното здравје и зависноста. Своите искуства се обидувал да ги искористи за да им помогне на други луѓе кои се соочуваат со слични проблеми, а на социјалните мрежи го започна и серијалот „Ментал хелт мондeјс“ („Понеделници за ментално здравје“).
Во декември минатата година на Инстаграм објави видео во кое зборува за лековите што ги земал, како и за своите проблеми со менталното здравје и зависноста. Говори и за загубите што ги доживеал и околностите што го довеле до тежок период во животот.
Неговата мајка јавно му даваше поддршка. Во јули, по повод неговиот 27. роденден, му порача колку е горда на човекот во кој пораснал, додавајќи дека за неа тој секогаш ќе остане нејзиното момче.
