До крајот на годинава компанијата „Гугл“ би можела да отвори свои продажни објекти во САД, тврдат доверливи извори на сајтот 9to5google.
Првите продавници би биле отворени за време на празничната сезона во големите градови, а на потенцијалните купувачи би им овозможиле „Гугл Хром“ компјутерите и другите апарати од брендот „Гугл“ да ги испробаат пред да ги купат, како што тоа го прават во продавниците на „Епл“ и на „Мајкрософт“.
Одлуката за отворање продавници доаѓа делумно и како последица на решението „Гугл Глас“ очилата да бидат пуштени во продажба, а претпоставка е дека корисниците ќе сакаат самите да се уверат како тие функционираат пред да се одлучат да ги купат.
Доколку „Гугл“ навистина отвори свои продавници, тоа ќе биде добар чекор, сметаат аналитичарите, бидејќи на тој начин, без разлика колку ќе биде успешна продажбата, ќе ја подигне свеста за неговата се побогата линија на физички производи.