Американскиот милијардер Илон Маск на својата социјална мрежа X го најави претставувањето на најновиот модел со вештачка интелигенција Grok 3, додавајќи дека тоа е „најпаметната вештачка интелигенција во светот“.
Како што се наведува, презентацијата на демо верзијата на моделот Grok 3 е најавена за денеска во пет часот наутро по средноевропско време.
Маск претходно за време на видео-конференција на самитот во Дубаи рече дека Grok 3 ќе ја надмине секоја конкурентна алатка за вештачка интелигенција објавена досега, пренесува Bloomberg.
Моделот е обучен на синтетички податоци и е способен да размислува за грешките што ги прави со движење напред-назад низ податоците за да постигне логична конзистентност, рече Маск.
Пред неколку месеци, тој бесплатно го стави на располагање моделот на вештачка интелигенција Grok 2, кој може да генерира текст и секакви слики од едноставно барање на секојдневниот јазик.
Вредноста на компанијата за развој на вештачка интелигенција xAI на Маск моментално се проценува на околу 50 милијарди долари, објави CNBC.
Лансирањето на алатката Grok 3 доаѓа во време кога многу земји брзаат да развијат чет-ботови кои се пософистицирани и поевтини.
Кинеската стартап компанија „DeepSeek“ неодамна ги размрда пазарите со својот истоимен модел со вештачка интелигенција, кој според параметрите е споредлив со производите на компанијата „Open AI“, но е направен по значително пониска цена.