Оваа година како и изминатите, веќе во континуитет и традиционално, Пиволенд во својата програма вклучува највеќе македонски изведувачи, бендови и диџеи.
На овогодинешното издание на фестивалот ќе ги слушаме: легендарните Ласт Експедишн, ултра забавните Суперхикс, жестоките Смат, Културно Уметнички Работници, раперот Тони Зен со својот бенд Флека, светскиот бренд Есма Реџепова, метал пионерите Верка, Барбарела и многу други.
Од регионот гостува популарниот панк-фолк бенд Бркови – Хрватска, а програмата ќе биде збогатена со Блендед Бру од Данска, бенд кој остави огромен впечаток на овогодинешниот Баскерфест.
Врвно музичко задоволство ќе ни приреди Лемон Бакет Оркестра од Канада, бенд од 15 луѓе, светски познат со повеќе од 500 концерти годишно.
Како надополнување, следејќи го примерот од изминатата година, Пиволенд и оваа година им дава силна поддршка на младите и неафирмирани бендови од Македонија и заедно со Бла Бла ТВ го најавуваат вториот стејџ на кој ќе се претстават повеќе од 30 музичари и диџеи.
Најдобрите 5 ќе имаат шанса да настапуваат и на главnиот стејџ на Пиволенд, секој ден од 19 часот.
Пиволенд 2015 започнува на 2-ри, а завршува на 6-ти септември.