Стрипот „Си беше еднаш еден човек“ на сценаристот Александар Стеванов од Штип и илустраторот Дарко Богданов од Виница е прогласен за најдобар во категоријата „раскажување“ на меѓународниот конкурс во рамки на Ваљевскиот стрип фестивал, кој денеска и утре се одржува по третпат во Ваљево, соседна Србија.
Одлуката ја донесе Жирито предводено од Зоран Стефановиќ, управител на Центарот за уметност на стрипот – Белград и Дејан Богојевиќ, уметнички директор на фестивалот, а во отсуство на наградените автори, наградата ја прими Томе Трајков, координатор на Стрип центарот на Македонија.
-Кога нечие ликовно-текстуално раскажување е оценето од стручни имиња во областа кои се секако далеку поголеми од нашите, задоволството е на највисокото ниво, затоа што тоа е првенствената причина поради која и се занимаваме со овој медиум. Уште повеќе што сценаријата на Александар се универзуми сами по себе, кои уживам да ги цртам, и после секој наш заеднички стрип и двајцата сме уште позрели како луѓе и како автори, изјави стрип-авторот Богданов.
Од пристигнатите дела на 103 автори од 11 земји (Босна и Херцеговина, Бугарија, Канада, Литванија, С.Македонија, Романија, Русија, Србија, Унгарија, Уругвај и Црна Гора), меѓу наградените е и ветеранот на македонската стрип-сцена – Златко Крстевски од Прилеп. За стрипот без наслов, тој беше прогласен за најдобар во категоријата „Општествен ангажман“.
Гран-прито на ова трето издание на Ваљевскиот стрип фестивал беше врачено на Марко Стојановиќ и Сабахудин Мурановиќ-Муран, по чие дело „Јефтино и скупо“ годинава е именувана меѓународната изложба на која се поставени најдобрите пристигнати стрипови. Првонаграден е авторот Давид Вартабедијан за стрипот „Пасје време“, втората нагдрада ја добија Сенка Милутиновиќ и Марко Шерер за „Лудаков коњ“, а трето место е за Филип Станковиќ за стрипот „Ibrahim Coyle: Матори случај“.
Една од трите главни изложби во рамки на годинашниот Ваљевски стрип фестивал е резервирана за македонскиот стрип. На изложбата во Центарот за култура во Ваљево, со свои стрипови учествуваат 17 македонски стрип-автори од различни генерации, меѓу кои: Тоде Блажевски, Мирко Бојаџијевски, Јана Бутеска, Ана Марија Стефаноска, Ване Трајков, Љупчо Филипов и Катерина Николовска-Тери, која минатата година на оваа меѓународна манифестација го освои високото второ место.