Тпортал.хр – Загреб
Се чини дека луѓето исто како и птиците, рибите, инсектите и некои цицачи имаат шесто сетило, односно способност потсвесно да го регистрираат земјиното магнетно поле, смета еден американски научник.
Експертите веќе одамна знаат дека многу животни во своето однесување и движење, посебно тие кои се селат, се ориентираат со помош на т.н. магнеторецептор, сетило за откривање на линии на земјиното магнетно поле.
Во 20. век истражувањето на овој феномен често се доживувало како нешто на граница на псевдонаука, како истражување на телепатија. Но, во последните децении научниците се обидуваат да утврдат дали исто или слично сетило постои и кај луѓето.
Некои студии сугерираат дека постои, но ниту една до сега такво нешто не успеала да потврди. Геофизичарот Џо Киршвинк од Технолошкиот институт во Калифорнија во Пасадена смета дека неговата студија во таа смисла отишла чекор подалеку.
Како функционира шестото сетило?
Киршвинк засега за своите наоди не објавил научен труд, иако интерес за неговите резултати покажа научното списание „Сајнс‟. Неговите колеги сметаат дека најверојатно е на добра трага бидејќи се докажал како сериозен научник. Киршвинк своето истражување го спровел два спрата под земја во Фарадеев кафез, „кутија‟ обложена со слој од алуминиум, дизајнирана на начин да ги отстранува можните електромагнетни пречки, односно шумовите од околината.
Земјиното магнетно поле се создава во течното надворешно јадро кое функционира како магнет. Неговата сила варира од 25 микротесли близу Екваторот до 60 микротеслу кај половите. Значи, тоа е многу слабо поле. За споредба, уредот со магнетна резонанца има околу 100.000 пати посилно поле.
Многу животни имаат шесто сетило со кое ја чувствуваат насоката на магнетното поле иако тоа е толку слабо. Птиците со помош на него многу прецизно го наоѓаат својот пат, дури и на некои далечни патувања од континент на континент. Некои глувци и стаорци градат свои гнезда долж линиите на магнетно поле, а стоката и елените своите тела ги порамнуваат со нив кога пасат. Кучињата се вртат кон југ или кон север кога вршат нужда.
Две теории
Каде точно се наоѓа тоа сетило и како функционира, се уште не е сосема разјаснето. За тоа главно постојат две теории. Според првата, магнетното поле го покренуваат квантни хемиски реакции во протеините на мрежниците кои се нарекуваат криптохроми. Меѓутоа, никој не знае на кој начин тие делуваат на нервните патишта.
Според друга теорија, на која е наклонет и Киршвинк, во рецепторските клетки кои можат да се наоѓаат во близина на носот или покрај внатрешното уво на животните сместени се минијатурни „игли на компас‟. Тие веројатно се составени од магнетит кој е чувствителен на магнетните полиња, а се претпоставува дека на некој начин ги отвараат или затвараат нервните патишта. Вакви магнетни игли се откриени и кај луѓето.
Во своите експерименти Киршвинк испитаниците ги поврзал со монитори за ЕЕГ со кои ја следел активноста на мозокот. Анализирал како активноста се менува кога ќе се вклучи ротациско магнетно поле со слична сила каква што има земјиното.
Резултатите покажале дека алфа брановите во мозоците на учесниците ослабувале кога на нив било применето магнетно поле кое се движело спротивно од стрелките на часовникот. Слабењето на алфа брановите е поврзано за реакцијата на магнетното поле, единствена варијабила која се менувала во експериментот.
Работата да биде поинтересна и точна, сигналот во мозокот доцнел зад промената на полињата неколку стотици милисекунди, што повеќе одговара на реакции во мозокот отколку на евентуални директни индукции на струја. Имено, магнетното поле може само директно да ги покрене електричните струења во мозокот, кои би се виделе како сигнал на ЕЕГ, но тие во тој случај би се појавиле веднаш, а не со задоцнување.
Значи, се чини дека Киршвинк е на добар пат, но ако сака да ја убеди научната заедница, ќе мора да објави рецензиран труд во сериозно списание, а можеби и да почека уште некој да ги повтори неговите резултати во истите услови.