Дали сте знаеле дека додека месите тесто со квасец за својот омилен леб или колач, не правите многу само за своето непце, туку и за убавината на своите раце (посебно ако се суви и испукани). Всушност, квасецот е полн со состојки кои позитивно влијаат на здравјето и убавината на кожата, косата и ноктите, па уште од антички времиња се користи за изработка на бројни козметички препарати.
Пекарскиот, а посебно пивскиот квасец обилува со витамини од Б-групата, како на пример Б1, Б2, Б6 и Б12, потоа минерали и елементи меѓу кои се калциум, магнезиум, натриум, хром, железо, бакар, манган, цинк и фосфор, како и вредни аминокиселини. Значи квасецот е прав резорвоар на здравје, младост и убавина на кожата, косата и ноктите. Тој меѓу останатото ја јакне, навлажнува и чисти кожата и ја штити од делување на слободните радикали.
Квасец за убавина на кожата и косата
Маска за чистење на масна кожа
Измешајте 1 лажица сув пивски квасец со неколку лажици јогурт. Оваа смеса нанесете ја на лицето и вратот и оставете да делува 15-тина минути. Потоа измијте се убаво наизменично со топла и со ладна вода.
Маска против младешки мозолчиња
Измешајте 1 коцка свеж квасец, околу 3 лажици млеко и 1 лажиче сок од лимон. Два пати дневно нанесете ја оваа маска на лицето и вратот, држете ја 15-тина минути, а потоа измијте ја со млака вода.
Маска за сува и зрела кожа
Измешајте 1 лажица сув пивски квасец, 1 жолчка од јајце, и по три лажици слатка павлака и мелени пченични никулци. Нанесете ја на лицето и вратот и оставете да делува 20 минути. Потоа измијте ја со вода и млако полномасно млеко. Оваа маска е идеална за опуштање на кожа изложена на стрес.
Маска за нега на кожата на лицето
Измешајте 1 коцка свеж квасец со малку течен мед, а ако имате особено сува кожа, со малку ладно цедено маслиново масло. Нанесете ја на лицето, оставете да делува 20 минути и измејте ја со млака вода.
Пилинг за лице од квасец
Измешајте половина коцка свеж квасец со малку млеко, една лажица мелено ленено семе. Нанесете ја маската на лице и кога потполно ќе се исуши отстранете ја со млака вода со нежно триење со врвовите на прстите.
Маска против стареење на кожата на лицето
Измешајте 2 лажици свеж квасец и една лажица вода. Нанесете на лицето и вратот и оставете да делува. Кога ќе се засуши измијте ја наизменично со топла и ладна вода. Ако сте на возраст од 20-тина години маската користете ја еднаш месечно, на 30-тина години 2 пати месечно, на 40-тина години 1 неделно, на 50-тина 2 пати неделно, а на 60-тина години и повеќе 3 пати неделно.
Лифтинг маска за лице
Измешајте 2 коцки свеж квасец, 125 мл топло млеко и едно лажиче шеќер. Нанесете ја на лицето, вратот и деколтето и оставете да делува додека не се исуши. Измијте ја со млака вода.
Маска за раце
Измешајте 1 лажица свеж квасец со 1 чаша млако млеко. Со оваа мешавина 15-тина минути масирајте ги рацете, а потоа измијте ги со топла вода. Маската е идеална за зимско време.
Маска против опаѓање на косата
Во една чаша вода растопете 4 лажици сув квасец. Оваа маска нанесете ја на кожата на главата, масирајте 10-тина минути и измијте ја убаво.
Пилинг за тело
Измешајте по 2 лажици сув пивски квасец и овесни снегулки, по 1 лажица течен мед и мелени бадеми, со малку млеко и сок од лимон да добиете хомогена смеса. Со кружни движења нанесете од смесата на влажна кожа и масирајте. Оставете кратко да делува и потоа измијте ја со млака вода.