Концерт на Игудесман и Џу со Македонската филхармонија

Од:

Дуото Алексеј Игудесман и Хјунг-ки Џу, меѓу најатрактивните ансамбли во светот,  вечер ќе настапи со Македонската филхармонија која  најави спектакуларен концерт насловен Big Nightmare Music.

– Публиката ќе има можност за уникатен музичко-сценски настан, со фантастично комичните Алексеј Игудесман на виолина и Хјунг-ки Џу на пијано.  Игудесман и Џу, кои се класични музичари, ја комбинираат комедијата со класичната музика и популарната култура, овозможувајќи и на публиката поинакво доживување на популарните класични композиции. Тие го одушевија светот со уникатните и смешни театрални настапи, информира Филхармонијата.

На својот прв настап во Македонија, во придружба на  музичарите од Македонската филхармонија, Игудесман и Џу ќе изведат аранжирани дела на Моцарт, Штраус, Рахмањинов и на други светски композитори.

Нивната виртуозност и талент во строгоста на класичната музика да најдат елементи за да ја направат забавна им ги распродава концертите насекаде низ светот.

Алексеј и Хјунг-Ки се запознале на 12-годишна возраст во специјалното училиште за музика „Јехуди Мењухин“ во Англија и оттогаш се блиски пријатели. Во 2004 година го креирале своето прво шоу „Мала кошмарна музика“. По тој пробив настапиле  како дуо и солисти, со камерни и симфониски оркестри, на најзначајните светски сцени и фестивали.

Настапиле  со некои од најпознатите класични музичари, како Џулијан Рахлин, Емануел Акс, Миша Мајски, Џошуа Бел… Снимките од нивните настапи на ЈуТјуб се посетени над 28 милиони пати, а исто така гостуваат на телевизии во многу земји. Настапуваат во концертни, но и во спортски сали и стадиони со 20-илјадна публика.

Игудесман и Џу се појавуваат во неколку филмови и водат работилница „Од 8 до 88 – Музичко образование за деца од сите возрасти“ на универзитети и музички училишта низ светот.

Во Концертхаус во Виена, на новогодишната вечер во 2011 година,  со помош на сто виолинисти од цел свет, Игудесман и Џу поставија рекорд за најголем број „танцувачки виолинисти“ кои настапуваат на сцена. Светскиот рекорд е конципиран и продуциран од дуото за поддршка на УНИЦЕФ. Во проектите за УНИЦЕФ тие соработуваат и со врвни актери, како Џон Малкович и  Роџер Мур.

Би можело да ве интересира

Концерт на Италијаните Мариголд Бокс

Предраг Петровиќ

Кој ќе биде новиот Џејмс Бонд

Предраг Петровиќ

Застрашувачки трилер на Нетфликс: Сè застана на еден час

Предраг Петровиќ

Тематски стрип конкурс за ученици од Србија, Македонија и Албанија

Во галерија „КО-РА “- мал салон отворена самостојна изложба на рачно изработен накит од Соња Драгољуб Гиздавиќ

А1он

Серијата книжевни гостувања „Добри гости“ продолжува во Прилеп

Предраг Петровиќ