Индискиот ровер испрати податоци дека температурата на јужниот пол на Месечината е 70 степени

Од:

Индискиот лунарен ровер „Прагјан“, кој на Месечината беше донесен со леталото од мисијата „Чандрајан-3“, ги испрати првите научни податоци на Земјата кои ги менуваат идеите за јужниот пол на Месечината, бидејќи е измерена температура од 70 степени Целзиусови, додека досега се мислеше дека може да биде помеѓу 20 и 30 степени, соопшти Индиската организација за вселенски истражувања (ISRO).

ISRO изјави на платформата X (Твитер) дека температурата на горниот почвен слој на Месечината околу јужниот пол се мери за да се разбере термичкото однесување на површината на сателитот. Како што е наведено, роверот е опремен со температурна сонда со механизам што може да ја мери температурата на почвата на Месечината до длабочина од 10 сантиметри.

Официјалниот претставник на ИСРО Би Дарукеш рече дека резултатите биле изненадување за експертите, пренесе ТАСС.

Роверот ќе собира податоци за најмалку 14 земјини денови.

Според индиските научници, делови од карпи се пронајдени во областа на јужниот пол на Месечината, што може да помогне во проучувањето на формирањето на Месечината.

Покрај тоа, експедицијата треба да ја продолжи индиската мисија „Чандрајан-1“ во потрагата по вода на Месечината. Добиените податоци сугерираат дека во некои кратери има замрзната вода. Доколку се најде мраз, научниците ќе имаат единствена можност да ја анализираат и разберат историјата на водата во Сончевиот систем.

Индиското вселенско летало слета минатата среда во близина на јужниот пол на Месечината. Индија стана четвртата земја во светот која успешно слета на Месечината – по СССР, САД и Кина.

Индија е првата земја чие летало меко слета на Јужниот пол на Месечината.

Би можело да ве интересира

Русија: Имаме „абнормална ситуација“ на леталото во орбитата на Месечината