И ги одзеле децата заради нејзината прекумерна тежина

Од:

Јавноста и медиумите во полскиот град Вроцлав се заинтересираа и го објавија случајот на мајката Аниа Капел, на која поради нејзината дебелина со судска одлука и се одземени нејзините седумгодишни ќерки близначки Патриција и Викторија.

Како што информираше полската телевизија ТВП, тоа се случило на предлог на Центарот за социјална помош според кој „младата мајка има прекумерна тежина и болест и не може да се грижи за своите деца”.

Проблемите на самохраната мајка започнале кога таа била хоспитализирана и кога нејзините ќерки привремено биле сместени во социјална установа.

Подоцна, откога жената се вратила дома добила судска одлука за одземање на децата и сместување во дом за деца без родители и покрај тоа што дотогаш таа за нив се грижела и нивниот развој и здравје не биле загрозени.

Целиот случај беше објавен откако мајката доби огромна поддршка од нејзините роднини и пријатели кои застанаа на нејзината страна и се обидуваат да и бидат вратени децата.

Судот не го зел предвид ниту позитивното мислење на семејната асистентка Јоана Тендерис за нејзината грижа за ќерките, ниту мислењето на лекарот кој напишал дека мајката на близначките „нема никаква сериозна болест која би и пречела во грижата за децата”.

– Мојот главен проблем е што имам прекумерна тежина и според судот не сум способна да се грижам за сопствените деца. Но, тоа не е вистина, од нивното раѓање до моментот кога ми ги одземаа се грижам за нив со љубов и најдобро што можам, вели мајката, која веќе половина година се бори да го врати старателството врз нејзините деца.

– Во најмала рака е чудно дека судот донел одлука без да ја разгледа реалната состојба на работите, само врз основа на предлог на Центарот за социјална помош дека мајката е со прекумерна тежина и автоматски не е способна да се грижи за своите две мали деца, оцени шефот на невладината организација „Заедно е подобро” Марек Шамбелан. Тој кој смета дека судот не сака да ја признае грешката и се надева дека мајката психички ќе се растрои и ќе се откаже.

Невладините организации кои се грижат за правата на децата, последните години ги критикуваат полските органи дека им е дадено неприкосновено право и многу лесно ги носат одлуките за одземање на децата од нивните родители.

– А тоа единствено поради тоа што нивната мајка е дебела или сиромашна, стара, грда или дури и грбава. Или поради тоа што во домот немаат топла вода, живеат скромно, не знаат што е тоа безжичен интернет и никогаш не пробале кавијар, предупредува Шамбелан.

Би можело да ве интересира

Совети за потенок струк

Ана Ололовска

Гладта ​​го подобрува чувството за мирис

Ана Ололовска

Дебелината значително ја зголемува смртноста од Ковид-19

Катерина Ѓуровски

Огромна трансформација на американскиот актер: Имал 220 килограми, денеска е преполовен

Ана Ололовска

Повеќе од една четвртина од Русинките страдаат од дебелина

Ана Ололовска

ОН: Дебелината се заканува да биде нова глобална пандемија во светот

А1он