Американската компанија „Гугл“ ќе им овозможи на своите корисници да донесат одлука што ќе се случи со нивните податоци по смртта или по одреден период неактивност на Интернет.
Гугл е првата компанија која почна да се занимава со ова чувствително прашање. Новата апликација се однесува на електронската пошта, социјалната мрежа Гугл плус, ЈуТјуб, размената на фотографии Пикаса и Блогер.
Корисниците на овие апликации ќе можат да одберат податоците после одредено време да им се избришат или да ги преземат одредени лица. Корисниците на Интернет ширум светот изразија загриженост за тоа што се случува со нивните податоци по нивната смрт.
„Се надеваме дека новата апликација ќе ви овозможи да го планирате својот дигитален задгробен живот, со цел да биде заштитена вашата приватност и безбедност, а и да им ги олесните нештата на вашите сакани лица по вашето заминување“, се наведува во соопштението на Гугл.
Корисниците на Гугл ќе можат да изберат дали податоците да им бидат избришани после три, шест, девет или 12 месеци неактивност. Луѓето се повеќе своите лични податоци ги оставаат на социјалните мрежи или ги складираат во киберпросторот, т.н. „облак“.