Најголемот глобален интернет пребарувач „Гугл“ го затвора својот сервис за вести и информации на шпански јазик, уште пред да стапи во сила новиот закон во Шпанија за интелектуална сопственост, соопшти висок претставник на компанијата.
Сервисот ќе биде затворен на 16 декември, а законот, познат како „Гугл данок“, стапува во сила од почетокот на идната година.
Со овој закон на сите издавачи им е дозволено да побараат оданочување на интернет сервисите, каков што е „Гугл Њуз“, доколку некои содржини од весниците, списанијата или разните други медиуми, се појават на нивните страниците.
Компанијата се противи на донесувањето на ваквиот закон, инсистирајќи дека „Гугл“ нема никаква заработка од својот серевис за пребарување.
– Жалиме поради тоа што за пет дена ќе го затвориме изданието на „Гугл“ и „Гугл Њуз“ на шпански јазик. Ние не правиме профит, ниту пари од тој сервис, затоа што на него нема никакви реклами, па затоа и нема основа да бидеме подведени под одредбите на новиот закон, изјави Ричард Гинграс, директор на сервисот „Гугл Њуз“.
Одлуката за затворање на шпанското издание доаѓа кога се уште не се знае колкав данок треба да плаќаат „Гугл“ и сите други интернет сервиси, затоа што законот не ја определува висината на надоместот.
Подолго време, новинските издавачи вршеа притисок за „ставање ред“ во работењето на интернет сервисите, затоа што според нив, сервисите како што е „Гугл“, ги повредуваат нивните издавачки права, правејќи селекција од насловите и текстовите на весниците и списанијата за страниците на интернет сервисите.
Минатиот месец „Гугл“ се соочи со слична закана и во Германија, кога моќниот новински концерн „Алекс Шпрингер“ побара надомест за користењето на насловите од сите негови изданија, па се најде компромис на тој начин што на америкнскиот интернет гигант му е дозволено да користи вести само од четири најпродавани изданија на германскиот издавач.