Град Скопје е покровител на Фестивалот на органска храна и здрав начин на живот што ќе се одржи утре во Хипериум бизнис центарот (МИ ДА Моторс) со почеток во 10 часот.
Фестивалот има за цел да ја промовира органската здрава храна и здравите навики на живеење. На фестивалот ќе се претстават македонски производители на органска и здрава храна, ставајќи акцент на унапредувањето на здравјето и создавaњето здрави навики на сегашните и на идните генерации.
Освен дегустација на органска и здрава храна, во рамките на фестивалот, кој ќе трае до 16 часот, ќе се организираат работилници за јога за деца и возрасни, работилници со познати нутриционисти околу здравиот начин на исхрана и воспоставување баланс помеѓу телото и умот, со цел граѓаните и посетителите на градот Скопје да се запознаат со сите предности кои ги носи користењето на органската и здравата храна.
Во рамките на Фестивалот ќе се одржи и забава со богата музичка програма.