Граѓаните на Сиетл почнаа да се збогуваат од неофицијалната градска знаменитост – ѕидот на кој се залепени повеќе од милион гуми за џвакање.
Комунални работници со машини на пареа веќе почнаа да го мијат ѕидот со цел да го отстранат девет сантиметри дебелиот слој од околу еден милион гуми за џвакање.
Луѓето почнаа да ги лепат на ѕидот гумите за џвакање уште пред 20 години, додека чекале ред за да купат влезници за во театар. Со текот на годините тој обичај прераснал во своевиден уметнички проект.
Градските власти соопштија дека гумите за џвакање мора да се одстранат за да се заштити ѕидот под нив. Се очекува чистењето да трае три дена, но многумина претпоставуваат дека за брзо време на ѕидот ќе се најдат нови гуми за џвакање.
Туристичкиот интернет портал „Трип Адвајзор“ го стави ѕидот во Сиетл на второ место на туристички атракции со најголем број на бактерии, по камениот блок во тврдината Блерни во Ирска, кој посетителите го бакнуваат за среќа.