Цитроен објави фотографии и технички детали за концептот Еркрос, што ќе има премиера на претстојниот саем на автомобили во Шангај.
Француската компанија при дизајнирањето на новиот кросовер како основа го искористил дизајнот на моделот Ц4 Кактус.
Двата модели имаат слични заоблени линии, како и специфични тесни предни светлаи и идентични носачи на покривот.
Еркрос, сепак, е значително подолг, поширок и повисок од Кактус со димензии 4580/2100/1800 милиметри, а поставен е на големи тркала од 22 инчи.
За разлика од Ц4 Кактус, кој е опремен со иновативни надворешни „воздушни перничиња“ што треба да спречат помали оштетувања на вратите и браниците Еркрос има слична заштита на алуминиумските фелни.
Истакнати делови од алуминиумскиет тракала се заштитени со тврда гума, со цел да се избегнат гребнатини при паркирање до граничници и при теренско возење.
Новиот концепт на Цитроен има и странични отвори за воздух на хаубата, необични трапезоидни заштитни елементи на браниците и долните делови на вратите и украсни хромирани рамки на задните прозорци.
Ентериерот, исто така, е дизајниран по примерот на Ц4 Кактус, со голем дигитален дисплеј во форма на таблет уред, како замена за класичната инструмент табла.
За погон е задолжен „плаг-ин“ хибриден систем. Напред се наоѓа 1,6 литарски бензински мотор со 218 коњски сили, додека на задниот дел е сместен електромотор со 95 коњски сили.
Комбинираната моќност изнесува 313 коњски сили, што е доволно за Еркрос од 0 до 100 километри на час да забрза за 4,5 секунди. Цитроен наведува дека возилото има емисија на штетни гасови од само 39 грама на километар и просечна потрошувачка од 1,7 литри на 100 километри.
Електромоторот се напојува од литиум-јонска батерија што овозможува автономоност на електричен погон од 50 километри. За полнење на батеријата на стандарден приклуок во домот се потребни 3,5 часа.
Цитроен засега не објави информации за можно сериско производство на концептот, но ако се следи примерот со Ц4 Кактус, кој првенствено беше претставен како концепт, наскоро може да се очекува и сериски Еркрос.