Доколку читате белетристика, односно романи, раскази или приказни, многу подобро ќе можете да расудувате во секојдневните ситуации, да донесувате одлуки и полесно ќе успевате да ги искристализирате идеите кои ги имате, покажуваат податоците на неодамна објавената студија.
Научниците од Универзитетот во Торонто открија дека луѓето кои читаат барем кратки приказни или есеи, имаат “поотворен” ум, односно полесно ја избегнуваат когнитивната затвореност и се помалку несигурни кога ги изнесуваат своите ставови, а со тоа се и покреативни.
Во истражувањето учествуваа 1,000 студенти поделени во групи. Едната група имала задача да чита кратки приказни, а другата есеи и на крајот бил направен тест со кој им била мерена нивната емоционална потреба за сигурност и стабилност.
Водителката на студијата, Маја Џикиќ, истакна дека луѓето кои читаат се посочувствителни, односно поспособни да ги разбираат чувствата на другите, за разлика од оние кои не читаат книги.