Здружението за борба против рак „Борка-за секој нов ден“ изготви алатка- потсетник која од денеска е поставена на нивната веб страница и во рамки на која се содржани информации за важноста на редовните гинеколошки прегледи, ПАП тестови и ХПВ вакцинација како едни од основните превентивни методи во борбата против ракот на грлото на матката.
Со алатката, соопштија од Здружението, се има за цел да се поттикнат младите девојки и жени да водат грижа за сопственото репродуктивно здравје.
Здружението за борба против рак „Борка- за секој нов ден“, како полноправен член на Европската Асоцијација за борба против рак на грлото на матката во соработка со Здружението за ХПВ на Македонија и оваа година по четврти пат ја одбележаа Европската недела за борба против рак на грлото на матката, во рамките на глобалната кампања „Бисер на мудроста“.
Во рамки на кампањата Здружението одржа едукативна трибина за превенција од ракот на грлото на матката на која беа презентирани активностите кои го одбележуваат јануари како месец посветен за борба против ракот на грлото на матката.
Во текот на следниот месец Здружението ќе организира едукативни предавања во средните училишта во Скопје на кои доктори од „Борка“ ќе говорат за ХПВ вирусот како потенцијален ризик фактор за добивање рак на грлото на матката и за важноста од редовните гинеколошки прегледи.
Здружението денеска ја отвора официјално својата канцеларија во Домот на АРМ во Струмица.
Низ Европа годишно над 60.000 жени развиваат рак на грлото на матката, а 30.000 од нив умираат како последица на оваа болест. Во светски рамки, пак, над половина милион нови случаи се регистрираат годишно, од кои 300.000 случаи се со фатален исход. Во Македонија ракот на грлото на матката е на второ место по честота и смртност од малигните заболувања кај жената. Според Глобокан, Интернационална агенција за истражување на рак, инциденцата на новодијагностицирани случаи на рак на грлото на матката во Македонија изнесува околу 297 пациенти на годишно ниво, а морталитетот брои 147 фатални исходи.