Ајварот, балканскиот кавијар, намаз од црвени пиперки, на Балканот има култен статус. Без оглед на тоа дали се мачка на леб или се послужува со сирење или сувомесни производи, ајварот е составен дел на секоја зимница.
Се подготвува на есен. Претходно се печат пиперките, се лупат, цедат и мелат, по што се пржат. На крај со додава сончогледово масло и сол. Сето тоа му ја дава препознатливата „’рѓава“ боја.
Вкусовите се разликуваат во земјите од поранешна Југославија. Македонците во ајварот додаваат модри патлиџани, Босанците лук, а Србите сол, шеќер и оцет. Овде почнуваат расправиите чиј ајвар е единствен и најдобар.
– Она што некогаш беше намирница на секое домаќинство сега стана интересно за сите прехранбени индустрии. Македонците, Бугарите, Србите, дури и Словенците почнаа да тврдат дека ајварот и нивни, вели Тамара Огњевиќ, експерт за гастрономско наследство од Белград.
Според неа, ајварот на Балканот дошол со турското освојување. Првпат бил употребен во еден ресторан во Белград во 19. век чии сопственици биле Македонци.
Зборот ајвар најверојатно доаѓа од турскиот збор хајвар, што значи кавијар. Целта била со овој назив да се истакне дека станува збор за екслузивен производ со оглед на сложениот процес на подготовка и скапите намирници, како што тогаш било сончогледовото масло.
Денес, цената за домашно подготвен ајвар за едно семејство во Македонија изнесува приближно 2.000 денари или 30 евра за 20 тегли. Индустриски произведениот ајвар чини околу 200 денари за тегла. Од 50 килограми пиперки се добиваат во просек околу 20 тегли ајвар, а за нив се трошат најмалку два литри масло.
Во однос на брендот ајвар, сите држави реагираа кога една словенечка компанија во 90-те години на минатиот век се обиде да го заштити ајварот како свој производ.
Србија има дури 43 заштитени производи според географското потекло, а еден од најстарите и најпознатите е лесковачкиот ајвар.
Македонија, исто така, како бренд го има македонскиот ајвар, како дел од својата традиција. Голем број странски туристи се воодушевени од овој македонски специјалитет.
Во 2008 година во организација на Бордот на европски студенти (БЕСТ) започна манифестацијата „Ајваријада 2008“, што практично значеше промовирање на ајварот како македонски бренд.
Три месеци пред Ајваријадата, од јули до септември, траеше кампањата во рамки на која секое домаќинство можеше да испрати сопствен рецепт за ајвар. Рецептите се промовираа за време на манифестацијата, а врз основа на само 10 избрани, директно на самото место, се подготвуваше и се дегустираше ајварот. Оваа манифестација традиционално се одржува во Македонија.
Податоците на македонската асоцијација на преработувачи покажуваат константно зголемување на извозот, кој во последните пет години е зголемен за 67,6 проценти. Ајварот најмногу се пласира на европските пазари и во земјите од регионот.
Филип Еванс, Британец кој живее во Скопје, основал фирма за извоз на ајвар во повеќе земји, меѓу кои и Велика Британија и Франција.
– Кога ќе ги видите производите од типот на хумус, харис или песто, сите тие станаа гастрономски „мајнстрим“, а ние почувствувавме дека и ајварот го има тој потенцијал, вели Еванс, кој додава дека е свесен оти овој производ создава „поделба“ на Балканот.