По цели 46 години на сцената, легендарната американска рок група „Аеросмит“ ќе замине во историјата, изјави пејачот на бендот Стивен Тајлер за време на гостувањето во Шоуто на Хауард Стерн.
– Го сакам овој бенд, навистина го сакам, и благодарен сум на сето она што заедно го направивме досега и што го дочекавме крајот во првичната постава, рече Тајлер, кој потоа најави и проштална турнеја.
Пејачот на неколкупати беше на работ на смртта, поради користење разни опојни супстанци.
Групата „Аеросмит“ е основана во Бостон во 1970 година, а три години подоцна го издаде и првиот свој албум насловен едноставно – „Аеrosmith“. Нивни најголеми хитови се: „Crazy”, „Don’t Wannа Miss а Thing” и „Janie’s Got a Gun”, кои заедно со другите нивни познати композиции ќе ја одбележат претстојната турнеја и ќе ги наполнат американските и светските сали и стадиони.
Завршната турнеја е најавена за наредната 2017 година, но се уште не се знае кои земји ќе ги опфати.